Senita Sehercehajic
26 Февруари 2025•Ажурирај: 26 Февруари 2025
САРАЕВО (АА) - Судот на Босна и Херцеговина денес донесе пресуда со која Милорад Додик го осуди на една година затвор и шестгодишна забрана да ја извршува функцијата претседател на Република Српска поради непочитување на одлуките на високиот претставник во Босна и Херцеговина, известува Анадолу.
Милош Лукиќ, второобвинет во овој случај, е ослободен од обвинението дека го извршил гореспоменатото кривично дело, потврди Судот на Босна и Херцеговина.
Ниту еден од обвинетите или нивните адвокати не присуствуваше на изрекувањето на пресудата пред Судот на БиХ.
Пресудата е првостепена и Додик и Лукиќ имаат право на жалба.
Претседател на ентитетот Република Српска на БиХ, Милорад Додик, и вршителот на должноста директор на „Службен весник на РС“, Милош Лукиќ, се обвинети дека во периодот од 1 до 9 јули 2023 година во Бања Лука, свесно и знаејќи дека високиот претставник Кристијан Шмит го спречил стапувањето на сила на два закона, продолжиле со правните дејства неспроведувајќи ги одлуките на високиот претставник. Станува збор за Законот за неприменување на одлуките на Уставниот суд на БиХ и Законот за измени на Законот за објавување закони и други прописи на РС.
Непочитувањето на одлуките на високиот претставник во БиХ е кривично дело, за кое е предвидена казна затвор од шест месеци до пет години.
Во завршните зборови на судењето Обвинителството на БиХ побара казна поблиска до законскиот максимум, како и забрана за вршење јавна функција во период од 10 години. Одбраната побара ослободителна пресуда.
Судењето траеше една година.
Додик од почетокот на судењето врши притисок врз Судот на БиХ, а неговите поддржувачи се собираат пред зградата на судот пред секое рочиште.