БЕЛГРАД (АА) - Пратениците на Европскиот парламент ја усвоија денес во Брисел Резолуцијата во која се оценува дека Србија остварила напредок во економските реформи, но дека од клучно значење во реформите на правосудството е да се сузбие корупцијата и слободата на медиумите да постигне видливи резултати, пренесува Anadolu Agency (AA).
Документот на известувачот на Европскиот парламент за Србија, Дејвид Мек Алистер, беше усвоен со 503 гласа „за“, 85 пратеници гласаа „против“, додека 47 беа воздржани.
ЕП усвои шест од осум предложени амандмани на Резолуцијата за Србија, вклучувајќи ги оние кои се однесуваат на случајот „Савамала“, на односот на српските власти кон геноцидот во Сребреница и на зачувувањето на заштитените средни, со осврнување на изградба на хидроелектрана на Старата Планина.
Во амандманот кој се однесува на Сребреница се наведува дека ЕП жали поради континуираното негирање на геноцидот во Сребреница од некои претставници на српските власти, потсетува дека полната соработка со Меѓународниот кривичен трибунал за поранешна Југославија и Механизмот кој го наследи, исто така вклучува полно прифаќање и примена на неговите пресуди и одлуки и нагласува дека признавањето на геноцидот во Сребреница е основен чекор на патот на Србија кон пристап во ЕУ.
Во двата амандмана кои се однесуваат на случајот „Савамала“ стои дека Европскиот парламент забележува извесен напредок во случајот со незаконското уништување на приватниот имот и лишувањето од слободата на движење во белградскиот кварт Савамала во април 2016 година и повика на решавање на тој случај, како и на полна соработка со правосудните органи за сите сторители да бидат приведени пред лицето на правдата.
Усвоен е и амандман за зачувување на заштитените средини, во кој Владата на Србија се повикува да усвои непходни мерки за зачувување на заштитените области, особено земајќи го предвид развојот на хидроелектраните во чувствителните подрачја, како што е Националниот парк „Стара Планина“.
Владата на Србија се повикува и во тој контекст да спроведе темелна проценка на влијанието на животната средина, според стандардите на ЕУ, и ја охрабрува да ја зголеми транспарентноста за планираните проекти.
Во усвоената Резолуција се поздравува постојаното ангажирање на Србија на патот кон вклучување во ЕУ.
Исто така е истакнат „извесен напредок“ во реформата на правосудството и побарано е српските власти да ја забрзаат реформата за владеење на правото, а особено да се обезбедат независност и ефикасност на судството и зајакнување на борбата против корупцијата.
Резолуцијата го разгледува овогодишниот Извештај на ЕК за напредок на Србија и ги поздравува напорите за нормализација на односите со Приштина, со ставот дека секој одговор за тоа може да биде прифатлив само доколку во него се договорат двете страни, и ако со него се зачуваат стабилноста на регионот и меѓународното право.
Европратениците укажуваат на моменталната расправа и на изјавите за можните корекции на границите меѓу Србија и Косово, вклучувајќи ја и размената на териториите, ја истакнуваат повеќенационалната структура на Косово и Србија и велат дека етнички чисти држави не треба да бидат цел во регионот.
Во документот се нагласува важноста за создавање асоцијации/заедници на општините со српското мнозинство на Косово и спроведување на сите договори, вклучувајќи го и Договорот за енергетика.
Во документот неотповикливо се осудува убиството на политичарот на косовските Срби, Оливер Ивановиќ, и се нагласува потребата за соработка меѓу косовските и српските истражители, како и меѓународната поддршка за сторителите на убиството да се приведат пред лицето на правдата.
Се повикува Србија постепено да ја усогласува својата надворешна и безбедносна политика со политиката на ЕУ, вклучувајќи ја политиката кон Русија и со Унијата постепено да го усогласи и својот визен режим.
news_share_descriptionsubscription_contact
