Stipe Majic
20 Март 2021•Ажурирај: 22 Март 2021
ЗАГРЕБ
По повод годишнината од воведувањето на епидемиолошките мерки поради појавата на коронавирусот, Загреб и уште четири хрватски градови се приклучија на демонстрациите под име „Светска поворка за слобода, мир и човекови права“, што се одржуваат уште во 40-тина држави во светот, јавува Агенција Анадолија (АА).
Собирот во Загреб, под надзор на полицијата, започна напладне на Плоштадот на крал Томислав, од каде што демонстрантите во долга колона тргнаа кон Плоштадот „Бан Јелачиќ“, носејќи транспарент „Стоп за наметнувањето вакцинација и централна диктатура“ со симбол за забрана на вакцинација.
На собирот на кој учествуваа најмалку 500 демонстранти, речиси никој не носеше заштитна маска. Демонстрантите покрај главниот слоган „Доста е“, носеа бројни транспаренти со пораките: „Здрав разум е нашиот разум“, „Независна наука е нашата наука“, „Слободни медиуми се нашите медиуми“, „Вакцинација со неиспитани вакцини е биотероризам“, „Дишеме со полни бели дробови“, „Фармакомафијата ја храни политичката елита“, „Пробни вакцини, не, благодарам“ и др.
Лицата што со мегафон им се обраќаа на насобраните, во своите говори изнесуваа тврдења дека Штабот на цивилната заштита на Република Хрватска со своите епидемиолошки мерки ги крши основните уставни и човекови права, како што се „право на слобода, право на дишење и право на живот“.
На насобраните на Плоштадот „Бан Јелачиќ“ кусо им се обрати и контроверзниот имунолог Среќко Сладољев, еден од предводниците на таканареченото антиваксерско движење во Хрватска, кој ги прозва хрватските медиуми и политичари.
Денес, освен во Загреб, демонстрации се одржаа и во Осиек, Сплит, Шибеник и Дубровник.