Furkan Abdula
17 Јуни 2021•Ажурирај: 18 Јуни 2021
СКОПЈЕ
Претседателот на Владата на Северна Македонија, Зоран Заев, придружуван од вицепремиерот задолжен за европски прашања, Никола Димитров и министерот за надворешни работи, Бујар Османи, остварија средба со претседателот на службената Влада на Бугарија, Стефан Јанев, и со дел од министрите на бугарската Влада, пренесува Агенција Анадолија (АА).
Според соопштението на Владата на Северна Македонија, на билатералната средба на двете делегации ѝ претходеше тет-а-тет средба на премиерите Заев и Јанев.
Се истакнува дека претседателите на владите на двете земји одржале и заедничка прес-конференција на која премиерот Заев изразил задоволство од укажаната можност да се сретне со неговиот колега Јанев, со што, се вели дека е создадена извонредна можност да се разговара за билатералните прашања од интерес на двете земји.
„Заедно треба да го најдеме решението. Ние сме одговорни политичари и се договоривме дека нашите разговори треба да се фокусираат на суштината на можните решенија и дека до таа цел ќе стигнеме преку патоказот, преку секторската соработка што ја организираат и спроведуваат работните тела преку министерствата за надворешни работи на двете земји“, истакна премиерот Заев на заедничката прес-конференција.
Заев нагласи дека во текот на разговорите денеска бил заеднички консултиран и предлогот на португалското претседателство со ЕУ.
„И самата средба денеска е исчекор кон изнаоѓање решение и е насочен да биде од интерес на двете страни. Само така ќе имаме поддршка од граѓаните на двете земји. Апелирам до братскиот народ во Бугарија преку своите лидери да продолжи со поддршката за Република Северна Македонија на патот кон нејзиното членство во ЕУ затоа што нашата земја нема друга алтернатива. Најважно од сѐ е што веруваме во европските вредности“, рече тој.
Бугарскиот премиер Јанев на прес-конференцијата подвлече дека Бугарија ја поддржува Северна Македонија на патот кон европското семејство и дека во овој момент има прозорец на можности за отворен и искрен дијалог, кој, според него, во наредните денови треба да донесе заемно прифатливи решенија со кои ќе се овозможи да биде продолжена европската перспектива на Северна Македонија.