Besar Ademi
02 Февруари 2016•Ажурирај: 03 Февруари 2016
СКОПЈЕ (АА) - Министерот за економија на Република Македонија, Беким Незири, по средбата со бугарската министерка за туризам, Николина Ангелкова, рече дека во 2015 година околу 470.000 македонски туристи ја посетиле Бугарија, додека само 25.000 бугарски туристи дошле во посета на Македонија, јавува Anadolu Agency (AA).
Напоменувајќи дека во текот на изминатите три години, бројот на туристи кои доаѓаат во посета на Република Македонија постојано се зголемува, министерот Незири најави средби меѓу бизнисмени и претставници на општини од Македонија и Бугарија со цел формирање партнерства и туристички понуди кои ќе влијаат за продлабочување на соработката во областа на туризмот.
„Заедно констатиравме како да се подобри туризмот во Македонија, иако, ако се прави споредба, во изминатите три години, во Македонија има континуирано зголемување на туристи кои доаѓаат во посета на нашата земја. Меѓутоа, ако се направи споредба со посетата на туристи од Македонија во Бугарија, овој број е многу помал”, изјави Незири.
Од друга страна, министерот за туризам на Бугарија, Николина Ангелкова, најави дека ќе се формираат работни групи кои во рок од 15 дена ќе обезбедат еден акционен план, кој ќе даде позитивен ефект врз растот на туризмот во двете земји.
„На средбата разговаравме и за идните поконкретни активности. Во рок од 15 дена ќе се формираат работни групи кои ќе дефинираат неколку рокови и конкретни активности, кои ќе придонесат за овие две балкански земји да станат поатрактивни туристички дестинации”, рече Ангелкова.
На средбата стана збор и за организирање на заедничка средба, на која ќе присуствуваат министри од регионот на Балканот, од Албанија, Косово, Грција и Црна Гора, со цел обезбедување на еден производ кој ќе биде атрактивен за привлекување на туристи од целиот свет на Балканот.