Besar Ademi
30 Мај 2017•Ажурирај: 31 Мај 2017
СКОПЈЕ (АА) - По пауза од 1 час којашто следеше по обраќањето на лидерот на Социјалдемократскиот сојуз на Македонија (СДСМ), мандатарот Зоран Заев, во Собранието на Република Македонија продолжува дебатата за единствената точка од дневниот ред, изборот на новата влада, јавува Anadolu Agency (AA).
Во неделата навечер, мандатарот Зоран Заев ги достави до Собранието Предлог-програмата и Предлог-составот на новата Влада, во која министри ќе имаат СДСМ, ДУИ и Алијанса за Албанците, кои имаат мнозинство од 62 пратеника во 120-членото Собрание.
Претседателот на Собранието на Република Македонија, Талат Џафери, седницата ја започна на албански јазик, а според ВМРО-ДПМНЕ Џафери на почетокот од седницата ги прекршил Деловникот и Законот за употреба на јазиците. Антонио Милошоски од ВМРО-ДПМНЕ, од собраниската говорница истакна дека ќе му се обратат како на пратеник, а не како на претседател на Собранието, бидејќи според нив, неговиот избор бил направен на незаконски начин.
На Милошоски му одговори спикерот Џафери, кој рече дека е избран од страна на парламентарното мнозинство, но тој додаде дека ако членовите на ВМРО-ДПМНЕ му се обраќаат како на пратеник, тој ќе ја искористи можноста на Деловникот за да се обрати на мајчин јазик, албански.
Потсетуваме дека владата треба да биде избрана два дена по отпочнувањето на седницата, односно најдоцна до среда на полноќ. За таа да биде избрана, потребно е да гласаат најмалку 61 пратеник.
Пред изнесувањетовна Предлог-програмата и Предлог-составот на мандатарот, на седницата беше потврдена и оставката на пратеникот од редовите на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Тодоров, а врз основа на тоа, Државната изборна комисија ќе го извести Собранието за кандидатот од листата кому треба да му се предаде мандатот.
Мандатарот Зоран Заев од говорницата на парламентот најави дека ќе води реформска влада, а трите главни основи ќе бидат посветеноста на економијата и животот на сите граѓани, силни професионални институции и правда за сите, како и полноправно членство на земјата во Европската Унија и во НАТО.
Заев најави просечна стапка на раст од пет проценти, зголемување на минималната плата до 16.000 денари и до 30.000 на просечната плата.
Во предлогот на новата владина програма, поднесен до Собранието, се вели дека парламентарното мнозинство е силно посветено на зајакнување на унитарноста, суверенитетот и стабилноста во Македонија и ја изразува својата силна политичка волја за формирање реформска влада којашто ќе се фокусира на заедничките стратешки приоритети на земјата, членството во НАТО и во Европската Унија и ќе обезбеди брзо и стабилно надминување на кризата преку обезбедување реална поделба на власта, владеење на правото и градење силни и професионални институции.