Admir Fazlagic
30 Мај 2017•Ажурирај: 31 Мај 2017
СКОПЈЕ (АА) - Претседателот на Собранието на Република Македонија, Талат Џафери, денес оствари средба со амбасадорката на Репубика Турција во Република Македонија, Тулин Еркал Кара, јавува Anadolu Agency (AA).
Според соопштението од кабинетот на претседателот на Собранието, честитајќи му го изборот за претседател на Собранието на Република Македонија, амбасадорката Тулин Еркал Кара истакна дека во Република Турција будно се следат случувањата во Република Македонија и надминувањето на политичката криза, без мешање во внатрешните работи на земјата.
„Таа истакна дека како долгогодишен политичар и поранешен пратеник, била длабоко вознемирена од случувањата во Собранието на Република Македонија, на 27 април 2017 година, и изрази надеж дека со изборот на новата влада ќе се надмине политичката нестабилност во земјата“, се вели во соопштението.
Претседателот на Собранието, Талат Џафери, нагласи дека високо го цени пријателството со Република Турција, а особено плодната соработката што ја остварил со своите турски колеги како поранешен министер за одбрана и поранешен шеф на Делегацијата во Парламентарното собрание на НАТО.
„Тој изрази надеж дека плодната соработка на парламентарно ниво ќе продолжи да се продлабочува, како меѓу претседателите на двете собранија, така и меѓу парламентарните групи за соработка и пријателство. Во врска со настанатите од 27 април, претседателот на Собранието истакна дека се преземени превентивни мерки ваквите случувања да не се повторат во иднина“, информираат од Собранието на Р. Македонија.
Како што се наведува во соопштението од кабинетот на претседателот на Собранието, соговорниците се согласиле дека севкупните односи меѓу Република Македонија и Република Турција се карактеризираат со традиционално пријателство, меѓусебно разбирање и активна соработка, и изразија уверување дека ваквиот тренд ќе продолжи и во иднина.