Zylfıje Adem Jakupı
09 Јануари 2020•Ажурирај: 09 Јануари 2020
ПРИШТИНА (AA) - Во подметнатиот пожар синоќа во Лепосавиќ изгоре автомобилот на потпретседателот на Собранието на Косово од Српската листа, Славко Симиќ, јавува Агенција Анадолија (АА).
Портпаролот на Полицијата на Косово за регионот Север, Бранислав Радовиќ, за АА потврди дека 25 минути по полноќ во Лепосавиќ „дојде до пожар на патничко моторно возило од марка „Пежо“, црна боја, со регистарски ознаки на Косовска Митровица“.
„Сопственикот е лице со иницијали С. С., роден во 1984 година, а се работи за Србин кој живее во Косово. Возилото беше паркирано во недовршена гаража пред зградата во која тој живее“, рече Радовиќ.
Додаде дека противпожарните едници излегле на местото на настанот, но дека возилото изгорело во потполност и дека штетата е проценета на околу 6 илјади евра.
Радовиќ наведе дека надлежен јавен обвинител случајот го окарактеризирал како „предизвикување на општа опасност“.
Директорот на Канцеларијата за Косово во Владата на Србија, Марко Ѓуриќ, соопшти дека „палењето на автомобилот на членот на претседателството на Српската листа, Славко Симиќ, во Лепосавиќ, е кукавички акт на оние кои веруваат дека на овој начин може да се оттргне волјата на српскиот народ во Косово да се бори за своите права и опстанок“.
„Фактот дека ова се случи во Лепосавиќ, на крајниот север на Косово, би требало да биде порака дека борците за правата на српскиот народ не се безбедни никаде и дека животот и имотот им се загрозени, каде и да се наоѓаат“, наведе Ѓуриќ.
Тој ги повика надлежните органи без одложување да ги истражат и да ги казнат одговорните за овој напад на српскиот претставник на Косово.