Fatjon Cuka
27 Април 2026•Ажурирај: 27 Април 2026
Денес започна судскиот процес против поранешниот претседател на Албанија, Илир Мета, кој се наоѓа во притвор и е обвинет за неколку кривични дела, пренесува Анадолу.
Во Специјалниот првостепен суд за корупција и организиран криминал (GJKKO) се одржа првото рочиште, а присутен беше и Мета.
Мета побара од Специјалниот суд да се обезбеди директен пренос на целиот процес, барање за кое судот сè уште нема донесено одлука.
Адвокатот на поранешниот претседател Мета, Кујтим Цакрани, во изјава за медиумите денес истакна дека е неприфатливо рочиштата за овој судски процес да не бидат директно пренесувани за јавноста.
Во овој предмет ќе ѝ се суди и на поранешната сопруга на Мета, Моника Криемaди, која денес беше присутна на првото рочиште во главната постапка.
Следното рочиште за овој судски процес е закажано за 11 мај.
Судовите во Албанија ги одбија и барањата на поранешниот претседател Мета за укинување на притворот.
- Случајот против поранешниот претседател Мета -
Поранешниот претседател Мета е уапсен на 21 октомври 2024 година, под сомнение за извршување на неколку кривични дела поврзани со случајот познат како „Договор за услуги CEZ-DIA“ и „договори за лобирање во САД“.
Моментално, Мета се наоѓа во притвор. Според Специјалното обвинителство против корупција и организиран криминал (SPAK), Мета е осомничен за перење пари, корупција и непријавување имот.
Мета, кој моментално е претседател на опозициската Партија на слободата, има извршувано високи функции во државните институции на Албанија.