Dejan Maksımovıc
06 Јануари 2020•Ажурирај: 06 Јануари 2020
ЗАГРЕБ (АА) - Хрватската државна изборна комисија ги објави првичните резултати од вториот круг на претседателски избори, откако се обработени 97,24 отсто од избирачките места, според кои нов претседател на државата ќе биде Зоран Милановиќ, кој освои 100.000 гласови повеќе од Колинда Грабар-Китаровиќ, која се бореше за втор мандат, јавува Агенција Анадолија (AA).
Според податоците на Изборната комисија, Милановиќ освоил 997.655 гласови, а Грабар-Китаровиќ 894.259. Во проценти, Милановиќ освоил 52,73 отсто од гласовите, а Грабар-Китаровиќ 47,27.
Во Хрватска денес, во вториот круг избори, се бираше нов претседател или претседателка. Во вториот круг влегоа Зоран Милановиќ, кандидатот на Социјалдемократската партија (SDP) на Хрватска и актуелната претседателка Колинда Грабар-Китаровиќ, кандидатка на Хрватската демократска заедница (HDZ).
Право на глас во Хрватска и во странство имаа нешто над 3.860.000 луѓе. Гласачките места во Хрватска и регионот беа отворени од 7 часот изутрина до 19 часот. Излезноста на гласачите на претседателските избори, според Државната изборна комисија, изнесува 54,58 отсто, што е повеќе од првиот круг кога гласаше 51,20 отсто од гласачкото тело.