Zylfije Adem Jakupi
07 Август 2024•Ажурирај: 08 Август 2024
СЕВЕРНА МИТРОВИЦА (АА) - Околу 600 граѓани од српска националност од Северна Митровица денес се собраа на мирен протест против најавата на Владата на Косово дека ќе го отвори за сообраќај главниот мост на реката Ибар, кој го дели градот Митровица на северен дел со мнозинско српско и на јужен дел со мнозинско албанско население, јавува Анадолу.
Граѓаните собрани на плоштадот кај мостот од северната страна, кои беа помалку отколку на претходните протести, носеа транспаренти на кои пишуваше „На мостот го браневме опстанокот, сега го браниме исчезнувањето“, „Бараме од КФОР да нѐ заштити“, „Додека ЕУ и САД пишуваат соопштенија, нас нѐ протеруваат“... Се вееја и знамињата на Србија.
Еден од говорниците беше Никола Кабашиќ, познат судија од Северна Митровица, кој во име на своите сограѓани истакна дека се против најавеното отворање за сообраќај на мостот на Ибар бидејќи не се чувствуваат безбедно.
„Не се согласуваме како што тврдат политичарите од Приштина, исклучително од една партија, и како што тврдат истрошените политичари и градоначалници од југот. Тоа не е во наш интерес, не се чувствуваме безбедни. Како може да се отвора мост и да се зборува за интеракција и меѓусебно помирување меѓу граѓаните, а нас никој не нѐ помирува. Овде живееме заедно, ние одиме на југ, тие доаѓаат на север, поминуваат велосипедисти, поминуваат граѓани, полицијата, тука се по нашите аптеки и продавници и нашите луѓе се на југот. Постои слобода на движење“, рече Кабашиќ.
Сите говорници беа цивили. Никој од политичките претставници на косовските Срби, иако беа на протестот, не се обрати пред присутните.
Протестот што заврши мирно се одржа со засилено присуство на косовската полиција.
Последниве денови актуелизирано е прашањето за отворање на мостот. Министерот за внатрешни работи на Косово, Џелал Свечла, кој вчера го посети мостот на реката Ибар, изјави дека мостот ќе биде отворен.
„Кога ќе се отвори, тоа е работа што ја проценуваат стручњаците“, рече Свечла.
По минатонеделната средба на премиерот на Косово, Албин Курти, со амбасадорите на земјите од Квинтата и амбасадорот на Европската Унија во Косово, Владата на Косово соопшти дека консултациите и координациите продолжуваат, но дека мостот мора да се отвори.
Беше наведено дека прво ќе извршат испитување на инфраструктурната стабилност на мостот, процена на ризиците и ризикот од елементарни непогоди, разговори со граѓаните и групите од интерес, како и сеопфатна информативна кампања за користа и целите од отворањето на мостот.
По тој состанок амбасадорот на Соединетите Американски Држави во Косово, Џефри Ховинер, изјави дека владите на земјите од Квинтата, во консултација со НАТО, во овој момент не можат да поддржат каква било промена на сегашниот статус на мостот во Митровица.
На северната страна на мостот постојано се стационирани патроли на припадници на италијанскиот КФОР со неколку џипа, а на јужната страна на мостот патролира косовската полиција.
Одлуката за отворање на мостот за сообраќај беше изгласана од новиот состав на Собранието на Општина Северна Митровица на крајот на април 2023 година откако Србите ги напуштија косовските институции.
Отворањето на мостот е предвидено со договорот за нормализација на односите меѓу Косово и Србија што беше потпишан во 2015 година.
Мостот на Ибар е затворен за сообраќај од крајот на војната во Косово во 1999 година и преку него може да се помине само пеш. Често мостот беше и место на судири меѓу Србите и Албанците.