Dzihat Aliju
05 Август 2024•Ажурирај: 07 Август 2024
СКОПЈЕ (АА) - Премиерот на Северна Македонија, Христијан Мицкоски, оствари средба со косовскиот премиер Албин Курти, кој престојува во официјална посета на земјата, јавува Анадолу.
По тет-а-тет средбата меѓу двајцата премиери беше одржана меѓуделегациска средба на која, покрај премиерите, учествуваа и владините делегации од двете земји.
На заедничката прес-конференција Мицкоски рече дека со претседателот на Владата на Косово оствариле конструктивна средба во пријателска атмосфера.
„Како нова Влада наша цел е да градиме добрососедски односи со сите наши соседи на принципот на двонасочна улица“, истакна Мицкоски.
Посочувајќи дека на средбата била истакната важноста од зголемување на економската соработка меѓу двете земји, Мицкоски рече:
„Според последните податоци што ги имаме од Државниот завод за статистика, размената за 2023 година е на ниво на половина милијарда евра. И не гледам причина со напорите на двете влади таа размена да не биде уште поголема со изградбата на инфраструктурните проекти, автопатот што ќе го поврзе граничниот премин со нашиот главен град, потенцијалниот патен правец што ќе ги поврзе Тетово и Призрен.“
Косовскиот премиер Албин Курти во своето обраќање истакна дека Косово и Северна Македонија имаат добри билатерални односи засновани врз заеднички вредности, со јасна цел за европска интеграција.
Потсетувајќи дека Северна Македонија е членка на НАТО, Курти изјави: „Ние сме благодарни за придонесот на мировниот воен контингент на трупите на Северна Македонија во рамките на КФОР, со што ги поддржуваме напорите за безбеден, мирен и стабилен регион на Западен Балкан.“
Косовскиот премиер рече дека двете земји имаат билатерална соработка на секое поле, а од дипломатски аспект ја поздрави континуираната поддршка на Северна Македонија во напорите за интеграција на Косово во меѓународните организации, особено во Советот на Европа и НАТО.
Во однос на безбедноста и одбраната, Курти истакна дека продолжуваат со добрата соработка и додаде: „Се радуваме за операционализацијата на заедничките гранични точки, особено оние во Елез Хан (Генерал Јанковиќ) и Блаце, што ќе ја олесни зголемената циркулација на нашите граѓани.“
Коментирајќи го инцидентот на Меѓународниот аеродром Скопје од 1 август со претседателката на Косово, Вјоса Османи, премиерот Мицкоски рече дека „тоа за нас предизвика навистина едно чувство со кое жалиме и не сакаме тоа да се повтори“.
Премиерот Курти, од своја страна, во врска со случајот рече дека тоа е „несомнено тешко искуство“, додавајќи дека ќе има официјален извештај што детално ќе го разјасни овој случај за да се разбере што точно се случило со цел никогаш повеќе да не се повторат такви ситуации.
Косовското Претседателство на 1 август соопшти дека бил направен обид да се земе личниот телефон на Османи од припадник на обезбедувањето на скопскиот аеродром „спротивно на меѓународните практики и Виенската конвенција за дипломатски односи“.
Во врска со случајот, имаше реакции од двете земји, а Косово упати и протестна нота до Северна Македонија поради „непримерниот однос“ кон претседателката Вјоса Османи.