Admir Fazlagic
05 Декември 2017•Ажурирај: 06 Декември 2017
СКОПЈЕ (АА) - Кривичниот суд им одреди 30-дневен притвор на пратениците Крсто Мукоски, Љубен Арнаудов и Сашо Василевски, а куќен притвор добија Јохан Тарчуловски, Жаклина Пешевска и Љупчо Димовски, соопшти Основниот суд Скопје 1, во врска со настаните од 27 април оваа година во Собранието на Република Македонија, пренесува Anadolu Agency (AA).
Како што соопштија од судот, постапувајќи по предлог на Основното јавно обвинитество за гонење организиран криминал и корупција, пред судија на претходна постапка при Основниот суд Скопје 1 денеска беа повикани шест лица опфатени со предлогот на обвинителството, а по нивното произнесување во однос на предлогот, судијата на претходна постапка донесе решенија со коишто за Крсто Мукоски, Љубен Аранудов и Сашо Василевски го прифати предлогот на обвинителството и им определи мерка притвор во траење од 30 дена.
За Јохан Тарчуловски и Жаклина Пешевска, судијата на претходна постапка го прифати предлогот на обвинителството и им определи мерка куќен притвор. За Љупчо Димовски, судијата на претходна постапка не го прифати предлогот на обвинителството за определување мерка притвор и му определи мерка куќен притвор.
Против овие неправосилни решенија, како што велат од Судот, обвинетите имаат право на жалба до Кривичниот совет на овој суд, во рок од 24 часа по приемот на решенијата.
Шестемина пратеници денеска беа на распит пред судија на претходна постапка, за насилствата во Собранието од 27 април годинава.
Тарчуловски, Пешевска, Мукоски, Димовски, Арнаудов и Василевски, пратеници во Собранието на Република Македонија, од редовите на коалицијата на ВМРО-ДПМНЕ, се дел од 36-те лица кои Основното јавно обвинителство ги гони за „терористичко загрозување на уставниот поредок и безбедноста“, во врска со настаните од 27 април годинава во Собранието на Република Македонија.
Претходно, Собранието на Република Македонија им го укина имунитетот, а известувањето до Кривичниот суд од Парламентот пристигна вчера, по што тоа беше доставено до надлежните судии на претходна постапка, така што се создадоа услови за да се постапува по предлогот на обвинителството.
Потсетуваме, вечерта на 27 април оваа година, по избирањето на Талат Џафери за претседател на Собранието, демонстрантите на граѓанската иницијатива „За заедничка Македонија“, кои беа собрани пред зградата на Законодавниот дом, насилно влегоа во оваа институција. Како резултат на насилството на демонстрантите, чија цел беа пратениците, беа повредени околу 100 лица, вклучувајќи пратеници, полицајци и претставници на медиумите.