Admir Fazlagic
09 Јануари 2018•Ажурирај: 11 Јануари 2018
СКОПЈЕ (АА) - Министерството за внатрешни работи на Република Македонија (МВР) соопшти дека при претрес на два објекти во скопско Арачиново биле пронајдени 120 килограми опојна дрога марихуана, пренесува Anadolu Agency (AA).
Како што соопштуваат од МВР, во текот на вчерашниот ден полициски службеници на Секторот за внатрешни работи - Скопје, во координација со Одделот за криминалистичка полиција при МВР, при претрес на два објекти во скопско Арачиново, а врз основа на претходно издадена судска наредба откриле и заплениле 120 килограми опојна дрога марихуана, 100 грама хероин, како и 100 грама - кокаин.
„По добиени оперативни сознанија за извршено кривично дело неовластено производство и пуштање во промет наркотични дроги, психотропни супстанции и прекурзори, беше издадена судска наредба за претрес во дом и други простории на лицата Р.Б. (32) и Е.Б. (56) од Арачиново. Притоа, покрај посочените количини на дроги - марихуана, хероин и кокаин, спакувани во јутани вреќи, најлонски кеси како и во поголем број помали политеиленски паковки, беа откриени и дигитални ваги, ролни прозирна леплива фолија и други предмети поврзани со кривичното дело", се вели во соопштението на МВР.
Меѓудругото, се додава дека МВР во содејство со надлежен Јавен обвинител работи на целосно документирање на случајот.