Ivana Ramadanova
14 Октомври 2017•Ажурирај: 15 Октомври 2017
СКОПЈЕ (АА) - Министерствотo за внатрешни работи на Република Македонија (МВР) во пресрет на утрешните локални избори апелира до политичките партии и нивните симпатизери да ги почитуваат изборните правила, да се воздржуваат од какви било нарушувања на јавниот ред и мир, бидејќи секакво однесување спротивно на законите МВР нема да го толерира, пренесува Anadolu Agency (AA).
Во соопштението од ресорното министерство се вели дека во недела ќе биде превземено се што е потребно граѓаните непречено и мирно да го искористат своето уставно право на слободно изјаснување на својата политичка волја.
„Министерството за внатрешни работи во изминатите неколку недели превзеде низа мерки и активности во насока на максимално обезбедување на мирни, фер и демократски избори во Република Македонија. Исто така во рамки на сите организациони единици коишто непосредно ќе бидат ангажирани во обезбедувањето на изборниот процес согласно законските обврски и надлежности, а во тесна соработка со мисијата на ОБСЕ во Република Македонија, завршена е обуката на полициските службеници, изготвени се програми и планови за работа и следење на текот на изборите коишто ќе бидат координирани од посебен оперативен штаб на ниво на министерството, како од аспект на јавниот ред и мир, така и од аспект на спроведување на нормите од изборното законодавство", се вели во сооптението на МВР.
Од таму информираат сека Министерството за внатрешни работи во најкус можен рок ги расчисти сите изолирани инциденти кои се случија во предизборната кампања, а на ист енергичен начин ќе се постапува и во преостанатиот период, како и на самиот ден на изборите.
Потенцираат дека е забрането било какво учество на полициските службеници во политичка пропаганда за било која од политичките партии, бидејќи тие треба да бидат во служба на граѓаните, а не во служба на политичките партии. Внатрешната контрола на МВР веднаш ќе реагира во било каков случај каде има индиции за злоупотреба од страна на полициски службеник.
Првиот круг од локалните избори во Република Македонија ќе се одржи во недела, на 15 октомври.