Admir Fazlagic
21 Септември 2017•Ажурирај: 22 Септември 2017
СКОПЈЕ (АА) - Министерството за внатрешни работи соопшти дека денес е приведено лицето И.Ј. (47) од Куманово, за учество во насилните настани што се случија на 27 април во Собранието на Република Македонија, пренесува Anadolu Agency (AA).
„На 21 септември 2017 година, од страна на овластени службени лица при Секторот за внатрешни работи Куманово, по претходна наредба од 16 мај 2017 година на Основното јавно обвинителство Скопје, во врска со настаните од 27 април 2017 година во Собранието на Република Македонија, приведено е лицето И.Ј. (47) од Куманово, поради основано сомневање за сторено кривично дело 'учество во толпа што ќе спречи службено лице во вршење на службено дејствие'“, се вели во соопштението на МВР.
Меѓу другото, од таму информираат дека за ова лице постои централен распис од СВР Скопје - Оддел за насилен криминал, за основано сомневање за сторено кривично дело „учество во толпа што ќе изврши кривично дело“ казниво според чл.385 од КЗ на Република Македонија, како и локален распис од СВР Скопје - НККР Бит Пазар за основано сомневање за сторено КД „разбојништво“.
Потсетуваме, вечерта на 27 април, по изборот на Талат Џафери за претседател на Собранието од страна на парламентарното мнозинство, во хаотична ситуација, демонстрантите организирани од граѓанската иницијатива „За заедничка Македонија“, кои беа собрани пред зградата на Парламентот, влегоа на сила во зградата.
Како резултат на насилството од страна на демонстрантите кон пратениците, беа повредени околу 100 луѓе, вклучувајќи пратеници, полицајци и претставници на медиумите.