Zülfiya Yakup
21 Септември 2017•Ажурирај: 21 Септември 2017
ПРИШТИНА (АА) - Во Косово денеска започна предизборната кампања за локалните избори закажани за 22 октомври, јавува Anadolu Agency (AA).
Предвремената кампања ќе трае 30 дена. На локалните избори во 38 општини ќе учествуваат 7.360 кандидати од вкупно 91 политички субјект. Меѓу субјектите има една коалиција, 35 политички партии, 30 граѓански иницијативи и 25 независни кандидати за претседатели на општини или за собранијата на општините. Претседателите на општините се избираат со директно гласање на изборите. Мандатот на локалните власти трае четири години.
Косовскиот премиер, Рамуш Харадинај, пред три дена издаде наредба во текот на предизборната кампања за локалните избори, на лицата кои вршат јавни функции, избирани или именувани, им се забранува користење на владиниот имот, службените возила и други ресурси.
„За каква било злоупотреба на службениот имот за време на предизборната кампања за локалните избори, ќе се преземат соодветни мерки во согласност со важечкото законодавство“, се наведува во наредбата.
На почетокот на кампањата за општинските избори, специјалниот претставник на генералниот секретар на ОН за Косово, Захир Танин, повика на одговорно однесување на сите лидери и партии, кампањата да се спроведува без заплашувања и принуди, овозможувајќи им на гласачите слободно да го остварат своето право.
Како и парламентарните, и локалните избори за време на кампањата и на денот на изборите ќе ја надгледува Изборната набљудувачка мисија на Европската Унија, на чело со главниот набљудувач Алојз Петерле. Оваа мисија ќе има 20 долгорочни набљудувачи, кои ќе бидат распоредени по двајца во тимови низ Косово. На главниот тим и на долгорочните набљудувачи потоа ќе им се приклучат и 42 краткорочни набљудувачи и локално ќе се ангажираат краткорочни набљудувачи од земјите-членки на ЕУ, од Норвешка и Швајцарија, со што вкупната сила на мисијата ќе брои околу 100 набљудувачи.
Локалните избори ќе ги надгледуваат и голем број домашни набљудувачи, меѓу кои и набљудувачи на невладината организација „Демократија на дело“. Оваа организација ангажираше и обучи 61 долгорочен набљудувач, кои ќе ја покриваат целата изборна кампања, додека на денот на изборите ќе бидат ангажирани околу 2.500 набљудувачи кои ќе ги покријат сите избирачки места низ Косово.
Од „Демократија на дело“ упатен е апел до претставниците на политичките субјекти и нивните кандидати дека за време на изборната кампања се придржуваат на кодексот на однесување, да не ги искористуваат јавните ресурси и да не ангажираат државни службеници или пак деца на организиран начин.