Fatjon Cuka
28 Август 2017•Ажурирај: 29 Август 2017
ТИРАНА (АА) - Претседателот на Албанија, Илир Мета, денес со декрет го назначи бригадниот генерал Бардил Колчаку на функцијата началник на Генералштабот на вооружените сили на Република Албанија, јавува Anadolu Agency (AA).
Во соопштението од албанското претседателство се вели дека новиот началник на Генералштабот на вооружените сили на Република Албанија, Колчаку, има „долга и истакната воена кариера”.
Во моментов тој е на позицијата генерален директор на Агенцијата за разузнавање, безбедност и одбрана.
„Во рамките на НАТО, неговата последна задача беше директор на Одделението за координација и интеграција во Врховната команда на НАТО во периодот 2013-2014 година. Од октомври 1996 до април 1997 година, тогаш полковник, бригадниот генерал Колчаку служеше како воен набљудувач во Мисијата на ОН во Грузија”, се вели во соопштението.
Исто така, се истакнува дека Колчаку следел настава и дипломирал на Колеџот на командата и генералштабот на САД, на Колеџот на заедничките вооружени сили, Комбинираниот курс за стратешко разузнавање при Американската агенција за воено разузнавање, и Извршниот курс за стратешки студии на европската безбедност во центарот Џорџ В. Маршал.