Admir Fazlagic
10 Март 2020•Ажурирај: 10 Март 2020
СКОПЈЕ (АА) - Министерството за надворешни работи (МНР) на Северна Македонија им препорачува на граѓаните да не патуваат во Италија поради коронавирусот Ковид-19, пренесува Агенција Анадолија (АА).
„Со оглед на рапидноста на развојот на настаните со Ковид-19 во Италија, препорачуваме нашите граѓани да не патуваат на целата територија на Италија. За оние граѓани кои веќе се наоѓаат во Италија, препорачуваме зголемени мерки на претпазливост во секое време и да се следат локалните медиуми и упатствата на локалните власти“, се вели во соопштението на Министерството за надворешни работи на Северна Македонија.
„Информираме дека нашиот Генерален конзулат во Венеција, следејќи ја практиката на другите европски дипломатско-конзуларни претставништва во истиот регион, како и заради понатамошна превенција од ширење на COVID-19, во следниов период нема да работи со странки, освен во итни и неодложни ситуации. За подетални информации околу развојот на состојбите, македонските граѓани кои се наоѓаат во Италија, можат да го контактираат нашиот Генерален конзулат во Венеција“, соопштуваат од МНР.
Од епидемијата на новиот тип коронавирус во Италија досега починаа 463 лица, а кај 9.172 е потврден коронавирусот.
Премиерот на Италија, Џузепе Конте, синоќа соопшти дека преземените мерки ќе бидат применети во целата земја и дека е ограничено слободно движење, освен во исклучителни случаи.
Основните и средните училишта во целата земја, како и универзитетите, ќе бидат затворени до 3 април.
Во Италија од коронавирусот Ковид-19 денеска починаа уште 97 лица, со што вкупната бројка на жртвите е зголемена на 463, а детектирани се 9.172 случаи.