Husamedin Gina
15 Септември 2020•Ажурирај: 16 Септември 2020
СКОПЈЕ
Опозициската политичка партија ВМРО-ДПМНЕ одржа протест во Скопје на кој порача дека „Гоце Делчев е симбол на Македонија и дека нема да се откажат од него", јавува Агенција Анадолија (АА).
Опозициската ВМРО ДПМНЕ продолжи со тематски протести, а вечерва се одржа протест на кој присуствуваа неколку илјади граѓани, кои истакнаа дека протестираат „за поддршка на членството на Македонија во ЕУ, за Македонија и за Гоце Делчев."
Протестот започна пред Министерството за правда, продолжи преку мостот „Гоце Делчев“ се до зградата на Министерството за надворешни работи, каде Мицкоски, се обрати до присутните граѓани.
Лидерот на ВМРО ДПМНЕ, Мицкоски во вечерашното обраќање потсетувајќи дека „Гоце Делчев го има во химната на Македонија", се запраша „за како би протестирале ако не за Делчев?" и порача дека „Делчев е црвената линија".
„Овој народ си го сака Делчев, затоа што Делчев е симбол на Македонија и ние од Делчев нема да се откажеме, Делчев е нашата тврдина која што нема да ја напуштиме“, нагласи Мицковски.
Истакнувајќи дека иднината на земјата е Европската унија, Мицковски нагласи дека „Социјалдемократскиот сојуз на Македонија (СДСМ) предводен од Зоран Заев не е за ЕУ", оти тој е „спротивно на се што претставува европска вредност."
Најголемата опозициска партија ВМРО ДПМНЕ претходно организираше два протести против поскапувањето на струјата.
Потсетуваме, во 2017 година Северна Македонија и Бугарија потпишаа Договор за добрососедство, пријателство и соработка. Според Договорот за добрососедство, формирана е Заедничка експертска комисија која треба да постигне согласност за историографските факти и документи кои се однесуваат на заеднички историски настани и личности, меѓу кои и за Гоце Делчев.