Besar Ademi
19 Септември 2018•Ажурирај: 20 Септември 2018
СКОПЈЕ (АА) - Во Собранието на Република Македонија запична 15. состанок на Мешовитиот парламентарен комитет - Република Македонија и Европска унија (ЕУ), каде овие два дена ќе бидат разменети мислења меѓу претставниците на Владата на Македонија, Советот на ЕУ и Европската комисија околу односите меѓу Македонија и ЕУ, јавува Anadolu Agency (AA).
На отварањето на првата сесија, европратениците кои се обратија пред присутните на состанокот го поздравија прогресот на Македонија на нејзиниот пат кон НАТО и ЕУ, особено договорите постигнати со Бугарија и Грција, кои ги оценија како значајни чекори кон стратешките цели на земјата.
Европратеникот и главниот копретседателот на Мешовитиот парламентарен комитет РМ-ЕУ, Алојз Петерле, на отварањето на сесијата нагласи дека денес во Скопје се состанал со претставниците на опозицијата и власта во земјата, кои, како што рече тој, ги споделиле истите амбиции за членството на земјата во НАТО и ЕУ.
„Овие денови, вие имавте бројни посетители тука и ние тоа не го сметаме како израз на притисок, туку, како знак на внимание и очекување за движењето на земјата. Ние ќе го следиме тоа што граѓаните ќе одлучат. Ова е една демократска позиција и зависи од граѓаните дали ќе ја искористат можноста или ќе чекаат друга можност“, нагласи Петерле осврнувајќи се на референдумот кој на 30 септември оваа година ќе се одржи во Македонија.
Заменик министерот за надворешни работи на Македонија, Андреј Жерновски, истакна дека Европа во последно време постојано се соочува со различни предизвици, но дека секогаш наоѓала начин да ги надмине тие предизвици.
„Процесот на проширување кон југоисточна Европа и Западен Балкан се одвива доста долг период и знаеме дека тој сеуште е во тек, но тој процес треба да заврши и не може да се смета за успешен се додека не биде целосно комплетен“, рече Жерновски.
Од друга страна, амбасадорот на ЕУ во Скопје, Самуел Жбогар, истакна дека ЕУ била мошне ангажирана во реформскиот процес на Македонија преку различни проекти и грантови, како и дека ќе продолжи и во иднина да го поддржува овој реформски процес.
„ЕУ беше поддржувач на вашите напори во реформите, особено во владеењето на правото, и ние ќе продолжиме да ве потсетуваме за потребата за реформи. Нормално дека ќе продолжиме и да ви помагаме во спроведување на клучните реформи“, додаде Жбогар.
За време на денешниот ден се одржува првата работна сесија на овој комитет, додека утре ќе се разговара околу меѓупартискиот дијалог „Жан Моне“, каде ќе биде презентиран и извештајот од страна на европратениците вклучени во овој процес.
Мешовитиот парламентарен комитет-Република Македонија и Европската Унија (ЕУ) е формиран врз основа на Резолуцијата на Европскиот парламент од 10 март 2004 година, како и одлуката на Собранието на Република Македонија од 7 декември 2004 година за основање Делегација на Собранието на Република Македонија во Парламентарниот комитет за стабилизација и асоцијација и врз основа на Договорот за стабилизација и асоцијација на Република Македонија.
Формирањето на Мешовитиот парламентарен комитет (МПК) е одраз на цврстата определба на нашата земја за полноправно членство во ЕУ, како и на заложбите на Собранието на Република Македонија, преку парламентарен дијалог, да придонесе кон процесот на евроинтеграција и достигнување на европските стандарди.