Admir Fazlagic
11 Март 2021•Ажурирај: 12 Март 2021
СКОПЈЕ
Во Република Северна Македонија од вечерва стапува во сила полициски час на целата територија на државата како мерка против ширењето на коронавирусот (Ковид-19), јавува Агенција Анадолија (АА).
Поради воведувањето на полицискиот час празни се улиците на главниот град Скопје, но и улиците на другите градови ширум Северна Македонија.
По препорака на Комисијата за заразни болести на вчерашната седница на Владата на Северна Македонија донесена е одлука за воведување на полициски час со цел спречување на ширењето на коронавирусот, кој ќе трае од 22:00 до 05:00 часот.
Забраната за движење во сила стапува од денес и ќе трае до 22 март.
Во претходните денови министерот за здравство на Република Северна Македонија Венко Филипче образложи дека предлогот на Комисијата за заразни болести за воведување на полициски час е поради тоа што изминативе недели најмногу инфицирани има поради трансмисија на вирусот преку собири, но и непочитување на воведените мерките за носење заштитна опрема, држење дистанца и негрупирање.
Анализите на Комисијата утврдиле дека поради непочитување на мерките, ќе има нови случаи на заразени но и зголемен број на хоспитализирани, од таа причина Комисијата смета дека една ваква ригорозна мерка ќе има ефект.
Во државата за првпат беше воведен полициски час во март минатата година, во различни временски периоди, со цел спречување на ширењето на коронавирусот, а на 27 мај во рамки на мерките за ублажување, беше донесена одлука за негово укинување.
Според последните извештаи на здравствените институции, од почетокот на епидемијата во Република Северна Македонија регистрирани вкупно 109.262 случаи на Ковид-19, додека бројката на починати лица изнесува 3.244.