Admir Fazlagic
23 Мај 2018•Ажурирај: 24 Мај 2018
СКОПЈЕ (АА) - Поранешниот премиер на Република Македонија и поранешниот претседател на политичката партија ВМРО-ДПМНЕ Никола Груевски доби две години затвор за примање награда и противзаконито влијание во случајот „Тенк“, јавува Anadolu Agency (AA).
Освен поранешниот премиер Груевски во случајот „Тенк" е осуден и Ѓоко Поповски, поранешен помошник министер во Министерството за внатрешни работи на Република Македонија. Оваа пресуда ја изрече судијката Добрила Кацарска во Кривичниот суд во Скопје.
Поранешниот премиер Груевски денеска не дојде на изрекување на пресудата за случајот „Тенк“, туку беше застапуван од своите бранители.
Првообвинетиот Поповски, од Истражниот затвор Скопје беше донесен во судот. Тој вчера, како поранешен помошник министер за внатрешни работи, беше осуден на девет години затвор за злоупотреба на службената положба во предметот на Специјаното јавно обвинителство (СЈО) „Триста“, за набавка на 300 возила за Министерството за внатрешни работи и веднаш беше упатен во притвор, на барање на СЈО поради опасност од бегство.
За третообвинетата Гордана Јанкулоска, поранешна министерка за внатрешни работи на Македонија, пред еден месец постапката беше издвоена и за неа рочиштето е закажано за 28 јуни.
Според пресудата, прочитана од судијката Кацарска, Никола Груевски извршил влијание врз другите двајца обвинети на начин што од Гордана Јанкулоска побарал Министерството за внатрешни работи да купи патничко возило „мерцедес“, а Јанкулоска, го поттикнала Ѓоко Поповски при купување на возилото да го фаворизира економскиот оператор „Мак Ауто Стар“ ДООЕЛ Скопје.
Истражна постапка под оперативното име „Тенк“, СЈО ја поведе во јануари месец 2017 година.
Инаку, против поранешниот премиер Груевски се поднесени пет кривични обвиненија.