Elena Trenchevska Chekovic
20 Април 2025•Ажурирај: 21 Април 2025
СКОПЈЕ (АА) - Православните христијани во регионот и светот денес го прославуваат најголемиот христијански празник Велигден, јавува Анадолу.
Како и секоја година, во црквите низ Северна Македонија се одржуваат велигденски литургии, а главната литургијата се одржа во Соборниот храм „Св. Климент Охридски“ во Скопје со која богослужеше архиепископот Охридски и Македонски г.г. Стефан.
На литургијата присуствуваа голем број христијански верници кои се помолија по повод празникот.
Во велигденската порака поглаварот на Македонската православна црква порача дека овој Велигден се доживува поразлично од претходните поради трагедијата во Кочани.
Инаку, државниот врв, премиерот Христијан Мицкоски, претседателката на државата Гордана Сиљановска Давкова и повеќе министри Велигден го дочекааа во храмот Св. Богородица Перивлепта во Охрид. Тие испратија честитки по повод празникот со порака за мир и благослов во секое семејство.
- Празнувањето на Велигден во земјите од регионот -
Христијанскиот празник Велигден е одбележан и во храмовите низ регионот.
Традиционални миси и литургии се одржаа во католичката катедрала „Свети Павле“ и во православната црква во Тирана, но и во други градови низ Албанија.
Свети архиерејски литургии и миси се одржаа и во храмовите и катедралите во Сараево, Загреб, Подгорица, Белград.
Инаку оваа година, Велигден, покрај православните, на ист ден го слават и католичките христијани поради поклопување на датумите во јулијанскиот и грегоријанскиот календар.