Admir Fazlagic
08 Јуни 2017•Ажурирај: 09 Јуни 2017
СКОПЈЕ (АА) - Премиерот Зоран Заев денес се сретна со амбасадорката на Република Турција во Република Македонија, Тулин Еркал Кара, пренесува Anadolu Agency (AA).
Како што информираат од владината прес-служба, на средбата заеднички е поздравено пријателството меѓу Македонија и Турција. Исто така, изразена е определеност за унапредување на соработката врз демократски принципи, на економски план, како и во сите други области од интерес на граѓаните на двете држави.
„Примарна цел на Владата е да ги унапредува односите со сите држави, особено со земјите пријатели на Република Македонија. Граѓаните на Македонија очекуваат европски перспективи и Владата што ја предводам е подготвена да ги земе предвид сите позитивни искуства на патот кон интеграциите“, рече премиерот Заев.
Меѓу другото, премиерот Заев и амбасадорката Кара разговарале за можноста за надминување на постоечките административни бариери со коишто се соочуваат инвеститорите во Македонија, како и за интересот на турските инвеститори за вложувања во Македонија.
„Од страна на турската амбасадорка е реафирмирана поддршката на Република Турција за интеграцијата на Република Македонија во НАТО“, се вели во соопштението од Владата на Република Македонија.