Admir Fazlagic
08 Јуни 2017•Ажурирај: 09 Јуни 2017
СКОПЈЕ (АА) - Министерот за внатрешни работи на Република Македонија (МВР), Оливер Спасовски, на денешната прес-конференција го претстави извештајот на работната група на МВР за настаните од 27 април во Собранието на Република Македонија, јавува Anadolu Agency (AA).
Претставувајќи го извештајот, министерот Спасовски рече оти тој покажува дека се утврдени формално-правни пропусти и недоследности во актите и процедурите, откриени се системски недоследности, воочени се дисфункционалности кај одредени нивоа во МВР, воочени се намерни пропусти, односно свесно пропуштање на дејствување на одговорните лица во системот.
Според министерот Спасовски, очигледно е дека некој ја злоупотребил својата положба и со тоа го овозможил нападот врз пратениците и новинарите, и истакна дека за овој, како што го нарече, срамен чин, мора да има одговорност.
„Овој извештај со филигранска прецизност го потврдува она што сите веќе подолго го знаеме, а тоа е дека заради партизираноста на одредени раководни структури во МВР, овој државен орган падна на испитот на извршување на некои од своите со Устав и закон утврдени надлежности“, рече Спасовски и изрази длабока почит кон храброста и професионалноста на припадниците на МВР кои на 27 април најсовесно си ги извршувале своите задачи и обврски.
„Министерството за внатрешни работи има и институционални и кадровски капацитети да се справи и со многу посериозни ситуации од оваа. Тврдам дека доколку секој целосно професионално си ја вршел работата во рамките на своите надлежности, ништо од настаните на 27 април немаше да се случи“, истакна Спасовски.
Исто така, тој информираше дека досега се сослушани околу 180 вработени во МВР кои учествувале во настаните, над 23 полицајци се суспендирани, а започнати се над 45 дисциплински постапки. Спасовски рече дека Извештајот денес ќе биде предаден во Основното јавно обвинителство на натамошна постапка.
Инаку, работната група е формирана на 3 мај 2017 година, од тогашниот министер за внатрешни работи, Агим Нухиу.
Работната група во извештајот дала одредени препораки, меѓу кои Секторот за внатрешни работи да продолжи со откривање на кривичните дела и прекршоците сторени за време на настаните од 27 април, да се направи анализа на постоечката организациска структура на Бирото за јавна безбедност.