Zülfiya Yakup
21 Јануари 2017•Ажурирај: 22 Јануари 2017
ПРИШТИНА (AA) - Неколку илјади граѓани се собраа на плоштадот Скендербег во центарот на Приштина на мирен протест, кои заеднички го организаираа оргаизациите кои се произлезени од Ослободителната војска на Косово (ОВК), а го поддржаа опозициските партии ААК и Иницијатива за Косово (НИСМА). Граѓаните носеа национални албански знамиња, како и знамиња на Косово, САД и ОВК, јавува Anadolu Agency (AA).
Собраните граѓани на протестот извикуваа „Рамуш Харадинај" и „ОВК". Тие побараа безусловно пуштање на слобода на Рамуш Харадинај, кој во Франција ја чека одлуката на судот по барање на Србија за негово испорачување. Присутните граѓани на протестот побараа и прочистување на листите на Интерпол од српските потерници против борците на ОВК и прекинување на дијалогот со Србија.
Еден од организаторите на протестот, претседалот ветеран на ОВК за регионот на Дукаѓин, Абдул Мушколај обраќајќи им се на собраните рече дека ОВК ги почитувала сите воени конвенции и дека нема почиста борба за слобода од борбата на ОВК. Тој ја повика Франција и другите демократски земји да се откажат од спроведувањето на како што рече, неправедните барања на наследниците на режимот на Милошевиќ. Мушколај од меѓународната заедница, САД, Франција и сите демократски земји, побара да го искористат својот авторитет за безусловно ослободување на Харадинај.
„Од Харадинај бараме веднаш да го прекине дијалогот со Србија каде се донесени низа одлуки штетни за Косово. Бараме укинување на сите потерници на Милошевиќевата Србија и неговите наследници против припадниците на ОВК. Рамуш е персонификација на нашата денешна слобода, нашите страдања и жртвувањата, командантот Рамуш Харадинај е персонификација за преживување, Рамуш Харадинај е Косово", рече Мушколај.
Фатмир Лимај, претседателот на опозициската Иницијатива за Косово и поранешен командант на ОВК порача дека доста беше играње со Косово. Лимај рече дека е навредливо тоа што оние кои извршиле злосторства во Хрватска, БиХ и на Косово, денеска издаваат политички потерници против луѓето кои веќе одговараа пред меѓународната правда.
„Претеравте. Не се играјте повеќе со Косово и неговото светло минато. Не заборавајте дека доколку удрите на Рамуш Харадинај, удривте на самите темели на државата Косово", рече тој.
Додаде дека Косово никогаш не ја симнувало главата пред Србија и никогаш тоа нема да го направи.
„Нашето барање е да се разговара со Вучиќ со неговиот јазик, бидејќи тој друг јазик и не разбира. Од косовските институции бараме моментална суспензија на дијалогот со Србија и поставување на конкретни услови за разговори со нив", истакна Лимај.
Првиот потпретседател на Алијанската за иднина на Косово, Ардиан Ѓини истакна дека Рамуш не се грижи за себе, туку се грижи „за неправдата кон Косово и поради лошите власти на Косово."
„Вие сте тука денеска за да покажете дека сте на нозе, дека Рамуш е на нозе, дека сите цврсто стоиме на нозе и дека Косово никогаш нема да падне на колена, никогаш Косово нема да биде понижувано. Поминаа многу поболни денови, поминаа многу денови со насилство, со страдања, сите поминавме такви денови, но нема да дозволиме повеќе бидејќи беше доста, се претера со понижувањето на Косово и граѓаните на Косово", истакна Ѓини.
Тој порача и дека не смее да се дозволи „одредени луди глави во Белград 30 години да го држат во психоза на војна целиот регион, заклучувајќи дека тоа се истите оние луѓе кои му служиле на Шешељ и Милошевиќ."
Од апсењето на Харадинај, поранешниот командант на ОВК, во Франција 4. јануари, во Косово се одржани повеќе протести ширум државата со кои е побарано негово ослободување.
Рамуш Харадинај е уапсен на аеродромот во Базел по потерница на Србија за наводни воени злосторства направени над цивилите за време на судирот на Косово, а на 12 јануари е пуштен на условна слобода од страна на француските власти и чека одлука од судот за барањето на Србија за негово испорачување.