ТИРАНА (АА) - Премиерот на Албанија, Еди Рама, во ексклузивното интервју за Anadolu Agency (АА) зборуваше за Македонија, односите на Албанија и Турција, стратешкото партнерство меѓу двете земји, заедничките напори за елиминирање на заканата од структурите на терористичката организација ФЕТО во Албанија, внатрешните работи и европскиот пат на Албанија, како и случувањата во Косово и во регионот.
- „Решението не може да ја отфрли согласноста на албанскиот фактор"
Запрашан за спорот околу името меѓу Македонија и Грција, дали Албанија молчи во тој поглед, албанскиот премиер истакна дека неговата влада е обвинета за спротивното, како што рече, „за инвазивен став кон внатрешните прашања на Македонија“.
„Точно е дека во спорот за името поттикнуваме решение за кое се согласуваат и имаме доверба во новата Влада во Македонија, која покажа визија, храброст и волја за решение. Се разбира, решението не може да ја отфрли согласноста на албанскиот фактор и убеден сум дека нема да ја отфрли“, рече премиерот Рама, реферирајќи на влијанието на албанскиот фактор во спорот за името.
Говорејќи за европската перспектива на Албанија, премиерот Рама рече дека тоа е процес кој е афирмиран повеќе децении, во смисла дека, според него, Албанија е природно наклонета кон Европа.
„Ако зборуваме конкретно, денес мораме да бидеме свесни дека не зависи само од нас, дека процесот на европската интеграција е секогаш покомплициран и исто така понепредвидлив, поради внатрешните турбуленции во Европската Унија и ветровите против проширувањето и против самата Европска Унија во неколку клучни земји-членки“, изјави Рама за АА, додавајќи дека Албанија ќе го продолжи патот во процесот на европската интеграција со модернизирање и станување функционална држава со европски стандарди.

Помеѓу Албанија и Грција се одржаа неколку рунди преговори за ограничувањето на поморските области и за отворените прашања меѓу двете земји. Премиерот Рама е оптимист дека на крајот ќе се даде насока на некои процеси што се пренесуваат веќе 70 години помеѓу двете земји.
Говорејќи за неодамнешните наводи во врска со можноста за воспоставување на камп за бегалци или центар за третман на странски војници, Рама рече дека овие наводи не ја одразуваат вистината и истакна дека Албанија има воспоставено центар за истражување, анализи и интеракции против насилниот екстремизам. Предлагано е центарот да се прошири и во регионален центар, кој се занимава со феноменот на насилниот екстремизам и третира различни аспекти на оваа појава.
Според него, овој центар не се однесува на било каков концепт во смисла на центар за собирање на луѓе, а помалку „на целосно несоодветен концепт, па дури и смешен, за собирање на сите поранешни војници на ИСИС (ДЕАШ) во овој центар“.
„Тоа е само фантазија, а во однос на камп за бегалци во фунција на Европската Унија овде во Албанија, и тоа е фантазија. Јас дури и не сум чул, ниту сум замислил дека тоа може да се случи, додека Албанија е, и секогаш останува уверена дека земјите на ЕУ не може да ја фрлат топката една на друга и да го напуштаат товарот на морални обврски кои Европа ги има кон луѓето кои ги напуштат своите земји поради закана за животот. Секој треба да ги преземе своите одговорности и Албанија е подготвена да ја преземе својата одговорност, толку, колку што ѝ припаѓа. Ние не сме имале предлог да направиме такво нешто и сме имале в предвид таква можност", рече Рама.
- „Посветени сме негативното влијание на ФЕТО да не влијае на мисијата на образованието во Албанија“ -
Запрашан за структурите на терористичката организација ФЕТО, кои вршат дејност во Албанија, премиерот Рама тврди дека има голем број училишта изградени во минатото кои биле референтна точка за родителите и учениците.
Како што вели албанскиот премиер, училиштата на ФЕТО понудиле можности кои Албанија дури и ги немала во целиот систем во нејзината територија, но албанската влада сега е посветена „негативното влијание на овие училишта” да не влијае на мисијата на образованието во Албанија.
„Многу е важно да се разбере дека сме посветени да понудиме што подобра образовна услуга низ целата територија и истовремено на никаков начин да не дозволиме негативните влијанија од природата за која зборувавте (заканата од ФЕТО) да имаат простор и да ја загрозуваат токму мисијата на образованието во Албанија“, рече премиерот Рама за АА.
Запрашан за соработката и напорите меѓу Албанија и Турција за елиминирање на заканата од ФЕТО, Рама, осврнувајќи се на неуспешниот обид за државен удар на ФЕТО во Турција, рече дека тој настан ги прави внимателни, бидејќи националната безбедност и демократската стабилност на земјата се најголем приоритет.
„Ние сме многу внимателни. Ги имаме сите причини да останеме цврсто во позицијата изразена во првите минути од државниот удар, дека стануваше и станува збор за сериозна закана која ние не би сакале да ја видиме во нашата земја на било каков начин, без оглед колку е маргинална“, рече албанскиот премиер.

- „Аеродромот во Валона ќе биде готов во 2020 година“ -
Според премиерот Рама, турските инвестиции во Албанија не се доволни. Тој истакнува дека растот кој го констатирале е недоволен, а изрази уверување дека има многу повеќе можности за турски инвестиции во Албанија.
Тој рече дека тоа што Турција го направи во последните 15-20 години е причина за да имаат поголема соработка во економијата и трговијата.
Зборувајќи за турските инвестиции во Албанија, премиерот Рама говореше за изградбата на новиот меѓународен аеродром во Валона, кој е турска инвестиција, што се очекува да биде завршен до крајот на 2020 година.
„Во однос на новиот меѓународен аеродром во Валона, ние сме во напредна фаза на преговори врз основа на законодавството на Република Албанија, а целта е аеродромот да биде готов пред крајот на 2020 година“, изјави Рама.
Прогласувањето на Турција како „стратешки партнер“ во 2013 година, вели Рама, било во програмата на Социјалистичката партија (ПС), предводена од него, дури и пред изборите во 2013 година. Рама објаснува дека целта била Турција да биде дел од еден триаголник на стратешко партнерство, каде традиционално, според него, биле Италија и Грција.
- „Политиката на ЕУ кон Косово е голем срам“ -
Зборувајќи за случувањата во регионот, како и за влијанието на Албанија и Албанците како еден од клучните фактори на Балканот, албанскиот премиер, исто така, говореше и за дијалогот меѓу Косово и Србија, како и за политиката на ЕУ кон Косово, а особено за слободното движење (безвизниот режим) кое го нарече „голем срам на Европската Унија (ЕУ)”.
„Сакам да кажам дека е голем срам за Европската Унија и ова го реков и јавно, и секогаш велам дека народот на Косово денес останува изолиран и е единствениот народ низ целиот континент кој нема право да се движи слободно“, рече Рама.
„Всушност, тешко е да им се објасни на луѓето во Косово она што е необјасниво ... Како е можно, кога тие беа под диктатура, имаа војна и платија со многу жртви и загубени животи за слобода, се движеа слободно, а денес тие се во нивна сопствена суверена држава призната од поголемиот дел европски земји и од сите големи сили, а се единствените луѓе кои немаат право на движење. Ова е срам“, додава Рама во разговорот за АА.
Во врска со ставот на Европската Унија во однос на независноста на Косово и во однос на дијалогот, Рама смета дека ставовите се правилни и смета дека им преостанува на косовските лидери да го водат овој процес.
„Албанија помогна и продолжува да помага без да говори никогаш во името на Косово, туку говорејќи во секој случај за Косово“, вели Рама.
- „Исламофобијата, проклетство на ова ново време“ -
Запрашан за туркофобијата и исламофобијата во регионот, албанскиот премиер рече дека исламофобијата е проклетство на ова ново време.
„Дури и во најразвиените земји на ЕУ, одредени сили или поединци дуваат на овој многу опасен оган, правејќи голема неправда, не само против исламската религија, туку против народите, луѓето, заедниците, семејствата кои веруваат во исламот и ја претставуваат сета ширина и нежност на исламот. Изразите на исламофобија или туркофобија се изрази на незнаење и ароганција што потекнуваат првично од незнаење. Да го напаѓаш исламот и да држиш исламофобични ставови значи всушност да напаѓаш важен корен на албанското дрво и на самиот извор, изворот на постоењето на нашата нација“, вели Рама.
Интервјуто го реализираа: Аднан ИДРИЗ/Фатјон ЏУКА/ Бесар АДЕМИ
news_share_descriptionsubscription_contact


