Ivana Ramadanova
16 Септември 2017•Ажурирај: 17 Септември 2017
СКОПЈЕ (АА) - Градот Скопје одржа пресконференција на која го најави почетокот на Европската недела на мобилност 2017, неделата посветена на одржливиот урбан транспорт, јавува Anadolu Agency (AA).
На почетокот на Европската недела на мобилност 2017 присуствуваше градоначалникот на Град Скопје, Коце Трајановски, кој истакна дека Градот Скопје ќе ја следи Европската недела на мобилност 2017, нудејќи низа активности поврзани со алтернативно и одржливо движење од 16 до 22 септември.
Според него оваа година Европската недела на мобилност ќе се прослави под мотото „Споделувањето те движи", а во кое учествуваат 2.310 градови.
„Во текот на следните седум дена, настаните ќе испратат порака за употребата на алтернативни транспортни средства преку едукација, спорт, размена на позитивни искуства, дебати и форуми посветени на одржлив транспортен систем", рече Трајановски.
Настаните ги организира Град Скопје во соработка со НВО „Македонскиот зелен центар", „Прв до Врв", „Здружението на инженери за животна средина", „GoGreen", „Еко-свест", „Милиеуконтакт Македонија", институтот за обука Кочка, Делегацијата на ЕУ во Македонија и Министерството за животна средина и просторно планирање.
Европската недела на мобилност 2017 ќе заврши на Светскиот ден без автомобили (22 септември) со голема велосипедска парада на градските улици.