Градот Скопје потпиша спогодба за меѓусебна соработка со Тирана
Соработката на Град Скопје и Град Тирана датира од 1996 година. Оттогаш се реализирани неколку посети од двете страни, а особено е интензивна соработката на полето на културата, уметноста, образованието и спортотIvana Ramadanova
30 Септември 2016•Ажурирај: 01 Октомври 2016
SkopjeСКОПЈЕ (АА) - Градоначалникот на Град Скопје, Коце Трајановски, и градоначалникот на Град Тирана, Ерион Велиај, денеска потпишаа спогодба за меѓусебна соработка, со што двата града официјално се збратимија, јавува Anadolu Agency (AA).
Имајќи го предвид традиционалното пријателство и соработката на Македонија и Албанија, градоначалниците на Град Скопје и на Град Тирана ја потпишаа оваа спогодба и го потенцираа значењето на соработката на културните, научните и образовните институции.
„Нашата соработка за нас ќе значи и побрзо приближување до Европската Унија, како и размена на искуства во повеќе области – работата на администрацијата, урбанизмот, културата, образованието, социјалната заштита, локалниот економски развој, комуналните работи, работењето на јавните градски претпријатија и друго. Тирана е големо градилиште, а тоа јасно зборува за работата на градоначалникот и на администрацијата. Соработката е важна и за искористување на европските фондови за прекугранична соработка и посакувам нашите два града да бидат пример за соработка во регионот“, изјави градоначалникот Коце Трајановски на денешната средба во Тирана.
Градоначалникот на Град Тирана, Велиај, истакна дека со задоволство очекува размена на искуства за работењето на Град Скопје, за успешното функционирање на јавните претпријатија, за сообраќајните решенија и за справувањето со кризните ситуации.
„Очекувам по неколку недели да ја возвратиме посетата на Скопје, како прв чекор во нашата соработка. Заинтересирани сме да подготвиме календар за соработка во многу сфери од нашето делување – урбанизмот, културата, размената на ученици и студенти, за организирање културни манифестации. За мене претставува големо задоволство што граѓаните на Скопје и на Тирана веќе ја предводат оваа соработка, патуваат и негуваат пријателски односи. Се надевам на плодна соработка меѓу нашите два града“, нагласи Велиај.
Соработката на Градот Скопје и Градот Тирана датира од 1996 година. Оттогаш се реализирани неколку посети од двете страни, а особено е интензивна соработката на полето на културата, уметноста, образованието и спортот. Градот Скопје е збратимен со вкупно 19 градови, а има воспоставено пријателски односи и соработува со над 50 градови од светот.