Husamedin Gina
14 Септември 2022•Ажурирај: 15 Септември 2022
СКОПЈЕ (АА) - Националниот сојуз на слепите лица на Северна Македонија организира мирен протест во Скопје со барање до Владата за покачување на заштитниот додаток кој им следува на лицата со визуелна попреченост, јавува Агенција Анадолија (АА)
Протестот започна пред Домот на хуманитарни организации „Даре Џамбаз“ и продолжи до Владата.
Членовите на Националниот сојуз на слепите лица на протестот носеа натписи на кои пишуваше: „Едно општество за сите, а каде сме ние, слепите?“, „Не игнорирајте, свртете се кон нас“ и побараа прием во Владата.
Жарко Селковски, претседателот на Националниот сојуз на слепите лица на Северна Македонија, во изјавата за медиумите истакна дека подолго време бараат прием кај премиерот Димитар Ковачевски за да се најде соодветно решение за нивните проблеми.
„Нашите барања се додатокот за попреченост да биде 40 отсто од просечната плата на Македонија, а туѓата нега, 30 отсто од просечната плата, како и помагала за слепите бидејќи сме единствената држава, верувам на целата Земјина топка, каде што слепите немаат никакво право на помагала“, нагласи Селковски.
Тој потсети на тоа дека заштитниот додаток во 2010 година изнесувал 7.000 денари, информирајќи дека сега изнесува 7.570 денари, додека туѓата нега била 4.000, а сега е 4.700 денари.
Селковски нагласи дека бараат трајно решение на проблемот, и дека додатокот треба да биде врзан со просечната плата, а не со животните трошоци.
Националниот сојуз на слепите лица на Република Северна Македонија каде што членството е доброволно, брои 2.500 лица, додека вкупната бројка на слепи лица, исто така според статистиките на Националниот сојуз, изнесува околу 10.000.