ПРИШТИНА (АА) - Членовите на Собранието на Косово денеска ја усвоија Резолуцијата со која се осудува геноцидот во Сребреница. За Резолуцијата гласаа 89 пратеници, без гласови против, но во отсуство на српските пратеници, јавува Агенција Анадолија (AA).
Во пресрет на 26-годишнината од геноцидот извршен врз Бошњаците во Сребреница, членовите на Собранието на Косово, на предлог на бошњачката заедница што живее на Косово, гласаа за Резолуцијата за геноцидот во Сребреница. Бахрим Шабани, член на бошњачката коалиција „Вакат“, им се обрати на пратениците во име на предлагачот на „Резолуцијата за осуда на геноцидот во Сребреница, Босна и Херцеговина“.
Тој рече дека предложената резолуција се заснова на одлуката на Меѓународниот суд на правдата и Меѓународниот кривичен трибунал за поранешна Југославија, со цел да не се негира и да не се заборави геноцидот во Сребреница врз Бошњаците и да им се даде правда на жртвите на геноцидот, охрабрувајќи го помирувањето на народите од Западен Балкан.
„Усвојувањето на оваа резолуција ќе има повеќе значење и за нас овде и за народите во регионот. Ќе помогне да се смират страстите и - се надеваме - да се подигне свеста за оние што го негираат геноцидот и дека сторителите на ова ужасно злосторство во срцето на Европа и оние што во меѓувреме го негираат геноцидот, не се кријат зад народот и не се поистоветуваат со него. Тоа ќе помогне да се обезбеди дека, покрај жртвите во Сребреница и низ Босна и Херцеговина, жртвите во Косово нема да бидат заборавени и дека оваа резолуција и Денот на сеќавање на геноцидот во Сребреница се лекција за идните генерации, да биде средство за помирување меѓу народите, а не средство за отуѓување и влошување“, рече Шабани.
Тој исто така изрази разочарување поради понатамошното одлагање во воспоставувањето нормални односи меѓу Република Косово и Босна и Херцеговина, сето тоа поради противењето и поставувањето вето од страна на претставниците на српскиот народ во државните институции на Босна и Херцеговина.
Потпретседателката на Собранието, Саранда Богујевци, која и самата преживеа масакр врз нејзиното семејство за време на војната во Косово, истакна дека албанскиот народ најдобро ги разбира страдањата на Бошњаците. Таа истакна дека партијата од која доаѓа, Движењето „Самоопределување“, силно ја поддржува оваа резолуција, која требаше да биде усвоена многу порано.
Другите парламентарни групи исто така ја поддржаа Резолуцијата, нагласувајќи дека геноцидот во Сребреница сè уште е негиран во Србија, како и злосторствата извршени на Косово.
Премиерот на Косово, Албин Курти, изјави дека Косово денес ја поддржува Резолуцијата, која е благородно и правилно дело, не само во името на Албанците од Косово и другите заедници, туку во името на универзалното човештво и желбата за мир и правда.
„Сребреница е најголемиот масакр во Европа по Втората светска војна. Казнувањето на злосторствата на геноцидот што гиоправиме со денешното усвојување на Резолуцијата, треба да биде постојана, неспорна за повеќе никогаш да не се повтори“, рече Курти.
Потсетувајќи дека тој бил во Сребреница пред пет години на 11 јули, Курти рече дека балканскиот касап Слободан Милошевиќ останал неказнет, и дека неговите соработници, над 4.000 војници, се претежно слободни, а некои се и на одлучувачки позиции, прикривајќи ги телата на жртвите, прикривајќи криминалци или фалејќи ги.
Курти праша кој ги крие воените злосторства на Ратко Младиќ и Радован Караџиќ и кој сака да ги именува плоштадите по нив.
Премиерот на Косово рече дека не смеат да дозволат повторување на геноцидот. Тој рече „не сакаме да биде осуден целиот српски народ, ниту сакаме одмазда, но треба да се врши постојан притисок од сите врз политичкото раководство на Србија сè додека не ги прифатат злосторствата извршени во БиХ, Косово, Хрватска, да се извинат и да започнат со казнување криминалци.“
Тој потсети дека Владата на Косово започнала со подготовка на тужба против Србија за геноцидите извршени на Косово.
Заменик-премиерката на Косово од бошњачката заедница, Емилија Реџепи, рече дека никој, без оглед од која политичка партија или национална заедница потекнува, а особено нејзините српски колеги, не смеат да го сносат тешкиот товар на одговорност за геноцидите што се случиле во друга земја и во некое друго време и под некој тежок режим. Таа повика на рака на помирување и солидарност со сите во Собранието на Косово.
Пратениците од Српската листа ја напуштија собраниската сала кога на дневен ред дојде предлогот за усвојување на Резолуцијата за осуда на геноцидот во Сребреница.
Во текстот на Резолуцијата најостро се осудува геноцидот во Сребреница врз припадниците на бошњачкиот народ и сите кршења на човековите права, се констатира и прифаќа дека по окупацијата на Сребреница, воените сили на Војската на Република Српска вршеле масакри во Сребреница и нејзината околина неколку дена, убивајќи и масакрирајќи над 8.000 деца од Босна, малолетници и возрасни мажи. Се изразува сочувство и се изразува длабока тага за невините жртви што загинаа во геноцидот во Сребреница и силно се осудува секоја тенденција намерно и јавно да се негира геноцидот во Сребреница со цел да се прикријат мотивите за сторените злосторства. Државните институции се повикани да им оддадат почит на жртвите на геноцидот во Сребреница со прогласување на 11 јули за Ден на сеќавање на геноцидот во Сребреница од страна на Европскиот парламент. Сите земји во регионот се повикани да вложат дополнителни напори да ги изведат пред лицето на правдата сите одговорни за планирање и извршување на геноцидот во Сребреница.