AA
19 Август 2022•Ажурирај: 21 Август 2022
ПОДГОРИЦА (АА) - Во Собранието на Црна Гора почна вонредна седница на која ќе се гласа за доверба на Владата, јавува Агенција Анадолија (АА).
Предлогот за гласање недоверба на Владата на Црна Гора го потпишаа 32 пратеници од ДПС, СДП, СД, ДУА и Либералната партија. За изгласување недоверба иницијативата треба да ја поддржат 41 пратеник.
Од Демократска Црна Гора рекоа дека нивниот Клуб на пратеници, врз основа на дискусијата во Парламентот, ставовите на сите актери и севкупната атмосфера и аргументи, ќе ја донесе конечната одлука за иницијативата.
Лидерот на Демократскиот фронт, Андрија Мандиќ, вчера изјави дека Абазовиќ веќе требало да ги започне преговорите за реконструкција на Владата.
Главниот комитет на Бошњачката партија на вчерашната седница го овласти Претседателството на таа партија да ја донесе конечната одлука како одговор на изгласувањето недоверба на Владата.
Вистинска Црна Гора и Обединета Црна Гора најавија дека ќе гласаат за недоверба на Владата, а лидерот на Демос, Миодраг Лекиќ, изјави дека партијата најверојатно ќе биде воздржана.
Во образложението на иницијативата се оценува дека изостанале конкретни резултати во реализацијата на приоритетите и дека состојбата на црногорската економија и епидемиолошката состојба во земјата дополнително се влошиле.
„И покрај никогаш посилната поддршка од европските партнери и широкиот општествено-политички консензус за неопходноста од што поскоро пристапување на Црна Гора во Европската Унија, натамошното продолжување на овој процес е доведено во прашање“, се вели во образложението.
Се наведува дека Абазовиќ, игнорирајќи ги ставовите на најважните научни институции во земјата, истакнати експерти и граѓански организации, свесно игнорирајќи ги потенцијалните последици од ваквите постапки врз севкупната состојба во Црна Гора, го поставил прашањето за односите со Српската православна црква во преден план.
Абaзовиќ претходно изјави дека, доколку не се изгласа недоверба на Владата, веднаш ќе започне со нејзината реконструкција, во која нема да има место за ДПС и СДП.
На претходната Влада на чело со Здравко Кривокапиќ на 4 февруари во Парламентот ѝ беше изгласана недоверба.