AA
02 Септември 2022•Ажурирај: 03 Септември 2022
ПОДГОРИЦА (АА) - Црногорскиот Парламент денеска на вонредната седница дискутира за предлогот за разрешување на претседателката на Собранието, Даниела Ѓуровиќ, јавува Агенција Анадолија (АА).
Почетокот на седницата, која беше закажана за 12 часот, доцни речиси три часа.
Потпретседателката на Собранието, Бранка Бошњак, на барање на Демократскиот фронт (ДФ) нареди прекин на седницата, веднаш по изгласувањето на дневниот ред.
Пратеникот на ДФ, Славен Радуновиќ, изјави дека договорот на старото парламентарно мнозинство е потпишан пред неколку часа.
„Имаме нова ситуација, 41 пратеник се обврзаа дека во рок од 15 дена ќе ја решат дилемата околу раководството на Собранието, а дека тоа ново, односно старото мнозинство, ќе договори други работи“, рече Радуновиќ.
Тој побара пауза на денешната седница, која би продолжила, како што рече, кога ќе се исполнат условите за такво нешто.
Демократскиот пратеник Момо Копривица рече дека сите потписници на договорот се согласиле во рок од 15 дена да постигнат договор за новото раководство на седницата.
„Одложувањето на седницата е работа на претседавачот. Сметаме дека ниту еден јавен функционер не смее да го блокира овој договор“, рече Копривица.
Тој рече дека тие одлуки донесени со второто парламентарно мнозинство мора да се променат.
„На тој начин секој би ставил до знаење дека сакаме вистинско обновување на односите и дека општиот интерес е над секоја функција“, рече Копривица.
Иницијативата за промена на претседателката на Собранието, Данијела Ѓуровиќ, ја потпишаа 31 член на клубовите Демократски фронт (ДФ) - Нова српска демократија, Демократска народна и Работничка партија, Демократи-Демос, ДФ - Движење за промени, Обединета Црна Гора и Вистинска Црна Гора.
Во образложението за разрешувањето на Ѓуровиќ се потсетува дека основна обврска на претседателот на Собранието е доследно да ги спроведува нормите пропишани со Уставот, законот и собранискиот Деловник. Се оценува дека претседавањето на Ѓуровиќ го обележало континуирано кршење на актите со кои се регулира функционирањето на Собранието.