Samir Kajoševic
04 Декември 2020•Ажурирај: 05 Декември 2020
ПОДГОРИЦА
Собранието на Црна Гора ја избра 42. Влада на Црна Гора на чие чело е Здравко Кривокапиќ, јавува Агенција Анадолија (АА).
Изборот на Владата на Црна Гора го поддржа 41 пратеник „За иднината на Црна Гора", „Црно на бијело" и „Мирот е нашата нација". Против Владата гласаа 40 пратеници на Демократската партија на социјалистите, Бошњачка странка и две албански коалиции.
Експертската Влада на Црна Гора на чие чело е Кривокапиќ има 12 министерства кои ќе ги водат непартиски личности, додека за потпретседател на Владата е избран лидерот на коалицијата „Црно на бијело" Дритан Абазовиќ.
Во новата Влада, Министерството за внатрешни работи ќе го води адвокатот и НВО активисто од Подгорица Сергеј Секуловиќ, додека шеф на дипломатијата ќе биде Ѓорѓе Радуловиќ, досегашниот директор на Дирекцијата за Европската унија во Министерството за надворешни работи. Професорката по безбедност на Универзитетот во Подгорица, Оливера Ињац, ќе го води Министерството за одбрана додека за ресорот финансии и социјална грижа ќе биде задолжен Милојко Спајиќ.
Некогашниот независен пратеник и кандидат на опозицијата на претседаелските избори Младен Бојаниќ е именуван за министер за капитални инвестиции, додека Министерството за економски развој ќе го води економистот Јаков Милатовиќ, кој претходно работеше во Европската банка за обнова и развој.
Адвокатот и член на правниот совет на Српската православна црква Владимир Лепосавиќ е именуван за министер за правда, малцински и човекови права, додека Министерството за здравство ќе го води досегашната началничка на Одделението за пулмологија во Клиничкиот центар на Црна Гора Јелена Боровиниќ Бојовиќ. Досегашната претседалка на НВО „Не ја даваме Црна Гора", Весна Братиќ ќе биде на чело на Министерството за образование, наука , култура и спортот, додека архитектот Ратко Митровиќ е именуван за министер за екологија, просторно планирање и урбанизмот.
Министерството за јавна управа, дигитално општество и медиуми ќе го предводи Тамара Срзентиќ. На чело на Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство ќе биде Александар Стијовиќ, претседател на Управниот одбор на Институтот за шумарство на Црна Гора.