Bojana Stojanovic
23 Мај 2018•Ажурирај: 23 Мај 2018
БЕЛГРАД (АА) - Треба заеднички да се бориме против заедничките закани и да бидеме подготвени да ги заштитиме мирот и безбедноста во земјите во кои живееме, изјави денес министерот за одбрана на Србија, Александар Вулин, отворајќи ја Конференцијата на началниците на генералштабовите на балканските земји во Белград, јавува Anadolu Agency (AA).
На овогодишната конференција учествуваат генералот Хулуси Акар од Анкара, генерал-полковникот Методија Величковски од Скопје, бригадниот генерал Бардиљ Колчаку од Тирана, генерал-полковник Сенад Масовиќ од Сараево, генералот Андреј Боцев од Софија, адмиралот Евангелос Апостолакис од Атина, бригадниот генерал Илија Даковиќ од Подгорица, генерал-полковник Адријан Тоња од Букурешт и овогодишниот домаќин, началникот на Генералштабот на Армијата на Србија, генералот Љубиша Диковиќ.
Диковиќ во Белград, уважувајќи го значењето на форумот, наведе дека му претставува големо задоволство да го поздрави министерот за одбрана на Србија, Александар Вулин, кој ја отвори денешната Конференција.
Вулин им посака на учесниците на Конференцијата во Србија да се чувствуваат како меѓу пријатели и да знаат дека се наоѓаат во земја која ја почитува традицијата и ги почитува војските на сите собрани земји.
„Србија е воено неутрална и како таква е отворена за соработка со истокот и со западот... Нема поголем интерес од мирот, стабилноста и безбедноста на овие простори, и затоа нашата политика, како и армијата, ja има најголемата задача, зачувување на мирот и стабилноста на Балканот“, наведе Вулин.
Според него, мирот е она највредното и најважното што можеме да им го понудиме на нашите деца и по што треба да нè паметат.
„Овој форум го осмислија војниците од потребата да се бориме против заедничките закани и да бидеме подготвени да ги заштитиме мирот и безбедноста во земјите во кои живееме. Нашите вооружени сили ги препознаваат заедничките закани кои го загрозуваат целиот свет и затоа Србија секогаш е подготвена да се вклучи во секоја борба која има за цел слобода, борба против тероризмот, борба против наркотиците и против организираниот криминал“, додаде Вулин.
Како што појасни тој, Србија е посветена на учеството во мировните мисии, бидејќи на тој начин се обидува да даде свој придонес за зачувување на мирот и со тоа Армијата на Србија ја покажува својата решителност во таа мисија.
„Горд сум што сме тука денес, бидејќи видовме дека тука се собраа луѓе што се грижат за своите земји, што се грижат за безбедноста и мирот во регионот, кој ние го нарекуваме свој“,изјави Вулин.
Конференцијата на началниците на генералштабовите на балканските земји е воспоставена на иницијатива на Грција и Турција во 2006 година, работи на разгледување и јакнење на воената соработка на земјите од Балканот и одговара на сите безбедносни предизвици, ризици и закани во регионот, а Белград за првпат беше домаќин на Конференцијата во 2009 година.
Во својство на набљудувачи на 12. Конференција присуствуваа и претседателот на Воениот комитет на Европската Унија, генералот Михаил Костаракос, заменик-претседавачот на Воениот комитет на НАТО, генерал Стивен Шепро, командантот на Здружените сили од Неапол, адмиралот Џејмс Фого и заменик-началникот на Генералштабот на словенечката Армија, бригаден генерал Аленка Ерменц.