Andelija Stojkovic
21 Февруари 2021•Ажурирај: 22 Февруари 2021
БЕЛГРАД
На Белградскиот аеродром утрово стигнаа 150.000 вакцини против коронавирусот на произведувачот „АстраЗенека“, јавува Агенција Анадолија (АА).
Претседателот на Србија, Александар Вучиќ, рече дека станува збор за 150.000 вакцини, бидејќи втората доза се прима по 12 недели и додаде дека, колку што разбрал, и таа вакцина од утре ќе биде достапна за граѓаните.
„Имаме договори и знаеме дека ќе ги имаме и тие вакцини. Со ОАЕ стануваме единствената земја во светот која има повеќе од три вакцини“, рече Вучиќ и додаде дека вакцините од „АстраЗенека“ стигнуваат во Србија многу порано отколку во некои други земји од Европа.
Тој додаде дека цената за тие вакцини е „апсолутно најповолна“.
Вучиќ рече дека во Србија се вакцинирани 756.000 луѓе со првата доза, а дека само на 100.000 луѓе им поминале 10 до 15 дена од ревакцинацијата.
Тој рече дека до доаѓањето на вакцините од ковакс-системот, Србија сигурно ќе вакцинира и ревакцинира 1,2 милиони луѓе, што претставува 20 отсто од полнолетните граѓани на Србија.
Амбасадорката на Велика Британија, Шан Меклауд, рече дека вакцината е развиена на Универзитетот Оксфорд, дека на неа работел меѓународен тим и дека меѓу нив имало и научници од Србија.
„Вакцинацијата ни ја дава најдобрата надеж во борбата против коронавирусот“, рече Меклауд.
Вршителот на должност во Амбсасадата на Индија, Виџел Кумар, рече дека Србија е првата земја во регионот која набавила од вакцините што ги развива „АстраЗенека“ од Индија.
„Нашиот премиер во неколку прилики истакна дека Индија ќе ги подели своите производни капацитети со остатокот на светот. Денес се исполнува тоа определување, и покрај фактот дека во Индија постои огромна потреба за вакцините“, рече тој.