Zylfije Adem Jakupi
16 Јуни 2020•Ажурирај: 16 Јуни 2020
ПРИШТИНА
Претседателот на Косово, Хашим Тачи, изрази уверување и оптимизам дека состанокот во Вашингтон, кој за 27 јуни го закажа американскиот пратеник за дијалогот меѓу Косово и Србија, Ричард Гренел, ќе биде успешен за Косово, пренесува Агенција Анадолија (АА).
Претседателот Тачи на прес-конференцијата истакна дека Косово позитивно одговорило на повикот на специјалниот пратеник на американскиот претседател за дијалог на Косово и Србија, Ричард Гренел и дека го поздравува тој важен, одлучувачки и правилен чекор на Соединетите Американски Држави.
Тој нагласи дека никој и ни под било кои услови нема да го загрози територијалниот интегритет и суверенитет на Косово, и ги повика сите да не шират дезинформации за можната размена на територии.
Тачи изјави дека ставот на САД и повикот за состанок на 27 јуни во Белата куќа ги зголемува надежта, оптимизмот и довербата за овој процес да биде успешен и дека ќе даде конкретни резултати.
„Овој процес има јасна поддршка на САД, самиот претседател Трамп и упорноста и визија на амбасадорот Гренел. Косово секогаш веруваше во САД и излегуваше како победник. Вашингтон беше јасен и тоа е очигледно и од писмата кои ги испрати претседателот Трамп дека овој процес е за взаемно признавање на Кососо и Србија, но и истовремено да се продолжи ангажирањето за зачленување во меѓународните организации, посебно во ОН“, изјави Тачи.
Тачи истакна дека Косово нема време за губење и стагнација, бидејќи мора што побрзо да се движи кон членство во ОН, НАТО и ЕУ, а таа цел може да се оствари само во партнерство со САД и земјите на НАТО и Европската унија.
Истовремено, својата тридневна посета на Косово денес ја започнува специјалниот пратеник на ЕУ за дијалог на Косово и Србија, Мирослав Лајчак, а сѐ уште не е познато дали ќе го прими и претседателот Тачи. Одговарaјќи на прашањата на новинарите во врска со можната средба со Лајчак, Тачи изјави дека нема причина да не се состанат доколу Лајчак доаѓа со нешто конкретно.
„Лајчак мора да биде јасен во две работи. Прво во врска со либерализација на визите, каков е ставот на земјите членки, бидејќи пред сѐ е она што граѓаните на Косово го заслужувааат, повеќе отколку предавањата за бесконечните процеси кои можат да се одвиваат, а од друга страна како тоа ќе се однесува кон Косово. Доколку го третира како независна и суверена држава онаква каква што е, а демократскиот свет ја препозна, тогаш процесот ќе биде полесен, доколку не, тогаш тоа дефинитивно не е негова успешна мисија“, нагласи Тачи.
Амбасадорот Гренел вчера на својот Твитер профил напиша дека добил потврда од властите на Косово и Србија дека привремено ќе биде запрена кампањата за повлекување на признанието и барање на членство на Косово во меѓународните организации, за да се овозможи состанок за дијалог во Белата куќа.
Амбасадорот Гренел наведе дека, доколку секоја од страните не биде задоволна со разговорите од 27 јуни, откако страните ќе го напуштат Вашингтон, ситуацијата се враќа на статус кво.
„Како што постојано повторуваме, прво мораме да оствариме напредок во јакнење на нашите економии. Тоа е фокус. Едвај ги чекам тие дискусии“, изјави Гренел.