Lejla Biogradlija, Mustafa Talha Öztürk
24 Септември 2021•Ажурирај: 27 Септември 2021
БЕЛГРАД (АА) - Откако неодамна го отвори Конзулатот во Нови Пазар, Турција се подготвува за отворање на уште една конзуларн канцеларија во Србија, во градот Ниш, јавува Агенција Анадолија (АА).
Турскиот амбасадор во Белград, Хами Аксој, за АА изјави дека конзулатот, кој ќе биде отворен во Ниш, на југот на Србија, ќе биде од корист на турската дијаспора, која по тој пат патува кон Турција, но истовремено ќе придонесува и за развој на комерцијални, економски и културни односи.
Потсетувајќи дека конзулатот се отвора по налог на турскиот министер за надворешни работи, Мевлут Чавушоглу, издаден за време на неговата последна посета на Србија на 31 август и 1 септември годинава, Аксој рече дека се преземени иницијативи во српското Министерство за надворешни работи и дека отворањето ќе се одржи што е можно поскоро.
Аксој, исто така, потсети дека конзулатот во Ниш ќе биде второто турско конзуларно претставништво во Србија, додавајќи дека се разговара и за започнување на редовни летови меѓу Ниш и Истанбул.
На оваа тема на социјалните мрежи зборуваше и градоначалничката на Ниш, Драгана Сотировски, која деновиве се сретна со амбасадорот Аксој.
Таа рече дека била пријатно изненадена од иницијативата и интересот на Република Турција за во Ниш да отвори свое конзуларно претставништво и нагласи дека тоа ќе биде на услуга на турските граѓани кои патуваат низ Србија и ќе работи на развој на економска соработка и нови инвеститори во Ниш и јужниот дел на Србија.