Cüneyt Karadağ
04 Ноември 2019•Ажурирај: 05 Ноември 2019
БЕРЛИН (АА) - Грчката новинарка Лијана Спиропулу напиша текст во кој вели дека е засрамена од нејзината земја кога ги видела условите во камповите во Турција во кои се сместени Сиријците, пренесува Anadolu Agency (AA).
Грчката новинарка Спиропулу, дописничка на германскиот весник „Билд“, во својот текст во кој ги коментира бегалските кампови во Грција и Турција наведува дека била многу зачудена од сликата што ја видела, истакнувајќи дека бегалските кампови во Турција се 1.000 пати во подобра состојба и се формирани на похуман начин.
Новинарката, која во Турција ги прошетала бегалските кампови во Алтинозу и Килис, напиша: „Во Турција можев да сфатам како мојата влада, мојата Грција игра нехумана игра со бегалците, и како прави политика врз грбот на најранливите и најнезаштитените.“
Спиропулу вели дека е засрамена од состојбата во камповите во Грција од почетокот на кризата во 2015 година наваму, и потенцира дека одговорноста за тоа што досега бегалците спиеле на земја бидејќи немало душеци за нив, дека биле принудени на отворено да подготвуваат храна на оган и дека децата биле незаштитени паѓа на Европската Унија (ЕУ) и на Обединетите нации (ОН).
Грчката новинарка во текстот наведува дека институциите во Грција требало од ЕУ само да го нарачаат она што им е потребно на бегалците, но вели дека Грција не го сторила ниту тоа. Таа вели дека го бара одговорот дали Грција тоа го правела намерно за да заминат бегалците во земјите кон северот или за да испрати повеќе пари Европска Унија.
Лијана Спиропулу истакнува дека не можела да поверува на она што го видела во камповите во Турција, додавајќи дека бегалските кампови во Турција во споредба со оние во Грција изгледаат како хотел со 5 ѕвездички.
Новинарката во текстот прави одредени компарации, велејќи дека во грчките кампови тоалетите и бањите биле заеднички, дека во камповите не можело да се мине од смет, додавајќи дека бегалците лежеле на земја, незаштитени од лошите временски услови, додека пак во камповите во турските кампови во Алтинозу и во Килис бегалците во своите контејнер-куќи имале сопствени тоалети, бањи и кујни, секаде било чисто, дури била позеленувана животната средина.
Навраќајќи се на состојбата во грчките кампови, новинарката наведува дека во Грција децата бегалци немале услови за образование, дека тие играле во нечиста околина, а за разлика од тоа, во турските кампови во Алтинозу и во Килис децата имале градинка, основно училиште, дури и една извонредна библиотека.
Спиропулу во текстот наведува дека грчките кампови не се безбедни, дека се чека од 3 до 4 часа за јадење и на оние што се заведени им се исплаќаат 90 евра.
За разлика од тоа, новинарката вели дека во камповите во Турција влезот и излезот се прави со отисок од прст, безбедноста е на многу високо ниво, бегалците имаат можност храната самите да си ја готват и по лице се исплаќаат 100 евра. Во веста таа наведува дека дел од азилантите пронашле работа и работат.
Таа истакна дека е засрамувачки за нејзината земја фактот што Турција, која во својата земја се грижи за над 3 милиони бегалци, е поуспешна од Грција која не успева да згрижи помал број бегалци, чија бројка е помала од 65.000. Спиропулу во текстот додава: „Како една Гркинка, се срамам.“