Abdula Berisha
16 Март 2020•Ажурирај: 16 Март 2020
СКОПЈЕ (АА) - Министерот за здравство на Северна Македонија, Венко Филипче, на редовна прес-конференција информира за најновата состојба со коронавирусот во земјата, потенцирајќи дека не се регистрирани нови случаи, јавува Агенција Анадолија (AA).
Истакнувајќи дека на домашно лекување е пуштена првата пациентка заразена со вирусот која веќе е излекувана, министерот Филипче рече дека другите 18 пациенти се во стабилна состојба, вклучително и пациентката која е на респираторна машина.
Министерот исто така рече дека во регионот на Дебар и Центар Жупа, каде што е прогласена кризна состојба, ќе се зголеми бројот на лица што се тестираат, додавајќи дека денеска или утре се очекува да бидат тестирани до 80 лица.
„Во овој момент се тестираат 7 пациенти, 3 се лица од Дебар коишто потекнаа од анализите направени вчера, од проверките на луѓето, сите во врска со овој кластер на пациенти, и тие се луѓе коишто имаат симптоми на грип. Понатаму, двајца пациенти преку Центарот за јавно здравје во Штип и двајца пациенти коишто се на Инфективната клиника“, рече Филипче.
Министерот за здравство информира дека денеска се одржала првата средба на Кризниот штаб на владино ниво, на која, како што рече, претставници на ресорите информирале за состојбата и спроведувањето на мерките на терен.
Министерот Филипче исто така рече дека денеска во 19:00 часот е закажана седница на Владата на која е предвидено да се расправа за евентуални нови мерки што може да се воведат за да се спречи ширењето на коронавирусот, официјално познат како Ковид-19.
Тој исто така рече дека Клиниката за психијатрија започнува проект за психолошка поддршка преку телефон за граѓаните од погодените групи, меѓу другото, спомнувајќи ги старите лица во самоизолација.
Објаснувајќи ја состојбата со респираторните машини, Филипче рече дека во Северна Македонија има околу 120 машини, додавајќи дека по потреба може да се користат и машините на приватните болници, а се чека одговор и од Кинеската амбасада за евентуална донација.
„Тоа што е на располагање во приватните болници е следното: 40-ина во една институција, близу 30 во друга приватна институција. Ние набавуваме 50 коишто ги очекуваме до крајот на оваа недела, со можност за уште 50 дополнителни, и тоа за што очекуваме одговор од Кинеската амбасада дали ќе можеме да добиеме 200 респираторни машини“, рече Филипче.
Тој го повтори повикот да се остане дома и да не се излегува без потреба, а одговарајќи на новинарско прашање, Филипче рече дека не постојат тестови со кои граѓаните сами би можеле да се тестираат дали се заразени, повикувајќи граѓаните да ги информираат институциите ако треба да бидат тестирани.
Министерот Филипче исто така рече дека тимот за економски прашања развива неколку мерки за да се спречи зголемувањето на цените на производите за храна и хигиена, мерки кои ќе бидат објавени наскоро.