Ekipa
06 Февруари 2021•Ажурирај: 07 Февруари 2021
СКОПЈЕ (АА) - Министерот за здравство на Република Северна Македонија, Венко Филипче, соопшти дека имунизацијата во земјата ќе започне со кинеската вакцина против Ковид-19 на компанијата Синофарм, пренесува Агенција Анадолија (АА).
Филипче денеска го презентираше Националниот оперативен план за вакцинација, во однос на приемот, складирањето и дистрибуцијата на вакцината од кинескиот производител Синофарм, а на денешната прес-конференција информираше дека во понеделник Министерството ќе го потпише договорот со Синофарм, кинескиот производител на вакцини против Ковид-19, кои во земјата се очекува да стигнат овој месец.
Вакцинацијата, според соопштеното, ќе се врши во постоечките вакцинални пунктови низ земјата. Вакцината на Синофарм се чува и дистрибуира на температура од 2 до 8 степени што го олеснува начинот на транспорт, чување и дистрибуција.
„На дневно ниво, од вакцината на Синофарм и со работа на пунктовите во полн капацитет очекувам да вакцинираме од 2.000 до 2.500 граѓани. За секој граѓанин кој ќе ја прими првата доза, веднаш ќе биде резервирана и втората што треба да ја прими по 21 ден, што значи дека од првата пратка имаме две дози за вакцина и ревакцина за 100.000 лица. Записот за спроведена вакцинација станува дел и од електронското здравствено досие на пациентот. По примерот на сите земји, вакцинираните граѓани ќе добијат соодветен сертификат за примена вакцина“, истакна Филипче.
Први ќе се вакцинираат здравствените работници поделени по категории - здравствени работници кои директно работат со ковид пациенти од ковид центрите и од службите за итни состојби, од клиничките болници, од домовите за стари лица и лица со посебни потреби. Во првата група спаѓаат и матичните лекари и друг здравствен персонал.
„Во втората фаза, се вакцинираат лица постари од 65 години, лица од 18 до 64 години, со коморбидитети или здравствени состојби со висок ризик за стекнување на тешка болест. Здравствени работници на ИЈЗ и ЦЈЗ, фармацевти, стоматолози и друг здравствен персонал, потоа вработените во виталните институции како полицијата, војската, Парламентот, Владата, новинарите, вработените во образовните институции и градинките со предност на оние кои одат со физичко присуство на работа“, истакна Филипче.
Во третата фаза, според соопштеното, се вакцинираат сите преостанати лица: вработени во други важни дејности како прехрана, транспорт, производство на лекови, комунална хигиена. Вработени во банкарскиот сектор, земјоделието итн. И на крајот се вакцинираат сите граѓани кои сакаат да примат вакцина на возраст од 18 до 64 години.
Министерот рече дека закажувањето на вакцинацијата ќе се одвива преку системот Мој Термин, како и преку онлајн апликација.
Соопштено е дека вакцината Синофарм може да се дава на сите граѓани без ограничување. Покрај оваа вакцина, имунизација ќе се врши и со вакцините на производителите „Фајзер“ и „Астра Зенека“.