Dzihat Aliju
19 Мај 2026•Ажурирај: 19 Мај 2026
Во Хрватска е усвоен законот со кој професионалните возачи ќе можат да добиваат долгорочни визи, најави вицепремиерот и министер за транспорт на Северна Македонија, Александар Николоски, пренесува Анадолу.
„Тоа е чекор напред во решение на проблемот кој произлезе со воведување на ЕЕС-системот во Шенген-зоната. Овој закон многу ќе помогне на македонските професионални возачи“, напиша Николоски на социјалните мрежи.
Тој додаде дека oва е реализација на договорот со вицепремиерот и министер за поморски работи, транспорт и инфраструктура на Хрватска, Олег Бутковиќ, во јануари годинава.
„Швајцарија веќе издава долгорочни визи. Очекуваме и други држави да се приклучат. Продолжуваме кон конструктивни решенија за нашите професионални возачи“, додаде Николоски.
Професионалните возачи од Северна Македонија, Србија, Босна и Херцеговина и Црна Гора во јануари одржаа протести на граничните премини како реакција на новиот европски систем за управување со границите – системот за влез/излез (EES).
Новиот систем на Европската Унија (ЕУ), EEС, на 10 април беше целосно оперативен на сите надворешни гранични премини на Шенген-зоната.
Овој систем ја заменува традиционалната практика на ставање печати во пасошите со дигитална евиденција на движењето на патниците кои не се државјани на ЕУ.