Husameddin Gina
06 Ноември 2018•Ажурирај: 07 Ноември 2018
СКОПЈЕ (АА) – Министерката за одбрана на Република Македонија, Радмила Шекеринска, на воведното обраќање на денешната сесија на Воениот комитет на НАТО, истакна дека состанокот е порака дека 29-те земји членки на Алијансата се обединети во поддршката Македонија да стане 30. членка на НАТО, јавува Anadolu Agency (AA).
Таа на денешното обраќање наведе дека членството на Македонија во НАТО веќе не е далечна и недостижна цел.
„Ова тело е најважната врска помеѓу политичките одлуки и воената структура на НАТО. Ова е увертира во однос на тоа што значи наша заедничка стратешка цел, а тоа е Република Македонија да биде на масата на која се одлучува за крупните прашања на денешнината. Состанокот е порака дека 29-те земји членки на Алијансата се обединети во поддршката да станеме 30. членка на НАТО“, изјави Шекеринска.
„Состанокот е симбол, но состанокот воопшто не е случајен. Честа не ја добивме, туку ја заслуживме“, рече министерката за одбрана, и додаде: „Македонија станува дел од заедницата на напредни држави и тоа веќе влијае и ќе влијае на нашата безбедност, но и на економијата, инвестициите и квалитетот на животот“, истакна Шекеринска.
Ова е прва посета на Воениот комитет на НАТО во формат на постојана сесија во Македонија, која се одржува на покана на министерката за одбрана Радмила Шекеринска.
Заменик-претседавачот на Воениот Комитет на НАТО, генерал-потполковник Стивен Шепро, го поздрави досегашното учество на припадниците на Армијата на Република Македонија во мировните мисии и дадениот придонес во подобрувањето на меѓународната безбедност.
Шепро, исто така ја охрабри Армијата да продолжи со реформите и рече дека тесно ќе соработуваат за понатамошното развивање на одбранбените способности на Армијата на Македонија во согласност на стандардите на НАТО.
Претходно, министерката за одбрана Радмила Шекеринска оствари средба со заменик-претседавачот на Воениот комитет на НАТО, генерал-потполковник Стивен Шепро.