Besar Ademi
06 Ноември 2018•Ажурирај: 06 Ноември 2018
СКОПЈЕ (АА) - Заменикот на претседавачот на Воениот комитет, Стивен Шепро, по средбата со началникот на Генералштабот на Армијата на Репубика Македонија (АРМ), Васко Ѓурчиновски, ја оцени работата на припадниците на АРМ во меѓународните мисии предводени од страна на НАТО, јавува Anadolu Agency (AA).
Генерал-потполковник Шепро ги предводи воените претставници на земјите членки на Воениот комитет на НАТО, кои во текот на овие денови престојуваат во посета на Македонија.
Тие претходно беа пречекани од министерката за одбрана, Радмила Шекеринска, при што беа информирани со постигнувањата, подготвеноста и идните планови на Македонија и нејзините вооружени сили за полноправно членство во НАТО.
Шепро нагласи дека Македонија е партнер на НАТО повеќе од една декада, земја со која, како што рече тој, соработуваат и се зближуваат уште повеќе.
„Многумина од нас во Воениот комитет сме запознаени со вашите војници и со нивниот професионализам. Сме гледале со години како тие работат заедно на места како Авганистан, каде што и во моментот даваат непроценлива заштита на силите во Мисијата за совети и мониторирање на авганистанските безбедносни сили“, истакна Шепро.
Од друга страна, началникот на АРМ, истакна дека посетата на воените претставници на Воениот комитет на НАТО на Македонија го покажува отворениот и искрениот пристап, како и подготвеноста на сите земји членки на НАТО за поддршка за членството на Македонија во оваа Алијанса.
Ѓурчиновски нагласи дека АРМ е подготвена да биде дел од НАТО.
„Нивното долгогодишно учество во мисиите предводени од НАТО и научените лекции од учеството во бројните меѓународни вежби се доказ дека офицерите и подофицерите и професионалните војници на Армијата се целосно интероперабилни со нивните колеги од земјите на Алијансата, и дека со приемот во НАТО, НАТО ќе добие уште еден верен сојузник на кого, како и досега, ќе може да се потпре“, рече Ѓурчиновски.
Во текот на утрешниот ден, во касарната „Илинден“ во Скопје е планирана и вежба за демонстрација на оперативните способности на опремата и техниката на дел од единиците декларирани од заедничката Оперативна команда.
Воениот комитет е највисокото воено консултативно тело на НАТО, формирано неколку месеци по формирањето на Алијансата, а се состои од началниците на генералштабовите на армиите на земјите членки на НАТО.
Воениот комитет на ниво на началници се состанува трипати во годината, додека воените претставници на земјите членки на НАТО, најмалку еднаш во годината.