Hakan Çopur
22 Септември 2018•Ажурирај: 23 Септември 2018
КАРАКАС (AA) - Министерот за надворешни работи на Турција, Мевлут Чавушоглу, кој претстојува во посета на Венецуела, изјави дека неговата земја не е против валутата на ниту една земја, но дека таа не би смеела да се користи како средство за напад на економиите на другите земји, јавува Anadolu Agency (AA).
Чавушоглу, во главниот град Каракас се состана со шефот на дипломатијата на оваа земја, Хорхе Ареаз. По состанокот е одржана заедничка конференција за новинарите.
Тој во обраќањето потсети дека е првиот министер за надворешни работи на Турција кој ја посетил Венецуела во последните 19 години, и рече дека е среќен што му припаднала таа чест.
Говорејќи за односите на двете земји, Чавушоглу констатираше дека односите на релација Анкара - Каракас се зацврстуваат.
Нагласи дека признале користење на домашните валути во трговските односи на двете земји, и додаде:
„Не само со Венецуела, сакаме да користиме домашни валути и во трговските односи со другите земји. Со оглед на тоа што Соединетите Американски Држави (САД) доларот го користат како средство за напаѓање, бројни земји сакаат да ја користат сопствената валута. Не сме против валутата на која било земја, но таа не смее да биде средство за напад на економиите на другите земји“, порача Чавушоглу.
Потсети дека неговата земја неодамна беше цел на економски напад за кој како средство е користена валутата.
„Турција беше цел, но во овој процес беше силна и ги презеде сите потребни економски мерки за нејзината економија да остане стабилна“, истакна шефот на турската дипломатија.
Министерот за надворешни работи на Венецуела, Ареаз, истакна дека меѓу неговата земја и Турција отсега постои братска врска.
„Турција во текот на економската окупација даде поддршка на Венецуела, ни ја пружи својата рака и пријателство“, порача Ареаза.
Чавушоглу, во рамките на посетата на Венецуела се состана и со претседателот на оваа држава, Николас Мадуро.