Zülfiya Yakup,Agon Fehmiu
15 февруари 2016•Ажурирај: 16 февруари 2016
ПРИШТИНА (АА) - Осум години по прогласувањто на независноста, Косово е признаено од страна на 111 држави од светот, меѓу кои и 23 од 28-те членки на Европската унија. Меѓутоа, од економски аспект Косово заостана во развојот а невработеноста и понатаму е многу висока. Според податоците на Статистичкиот завод на Косово, невработени се над 35 отсто од населението, додека околу 30 отсто од населението е сиромашно.
Сафет Ѓерџалиу, претседателот на Стопанската комора на Косово, смета дека Косово заостанало во економскиот развој, пред сè поради доминацијата на политичката агенда во однос на економската. Тој, во разговор за Anadolu Agency (АА), истакна дека многу повеќе се говорело за економијата отколку што се работело, затоа степенот на невработеност е алармантен, а екстремната сиромаштија е загрижувачка. Она што е за жалење, наведува Герџалиу, е фактот дека Косоварите не ги прифаќаат трите вистини: дека Косово е производ и на меѓународната заедница, дека војна водат храбрите и дека државата се гради со разум.
- Странците ја оштетија економијата -
Тој потсетува дека пред 17-ти февруари 2008 година извршната власт во Косово ја имаше УНМИК и дека бројни странци кои работеа во Косово во поствоениот период, особено во рамките на Агенцијата за приватизација, многу повеќе ги оштетија, отколку што придонесоа кон економските процеси. Како негативен го истакнува и фактот дека се усвојувани закони кои се земани од други земји, но не биле прилагодени на ситуацијата во Косово. Според Герџалиу, тие грешки после независноста не се исправени, а дојде и до уште поштетен пристап, непочитување на редот и законот.
„Ние идентификуваме дека проблемот е корпцијата, бирократијата, непотизмот, јавните набавки, недостатокот на јавно-приватно партнерство и многу други, но треба да се сфати дека заеднички именител на сите тие проблеми е само еден: владеењето на редот и законот. Сè додека во Косово не се реализира владеење на редот и законот, нема да има ниту едукација, ни економија, ни здравје и најмалку екологија”, рече претседателот на Комората.
Добриот познавач на економските движења од Центарот за стратешки и социјални истражувања (STRAŠ), Ибрахим Реџепи, вели дека граѓаните пред 2008 година имале надеж, додека денес, осум години по независноста се разочарани поради неисполнетите очекувања. Реџепи напоменува дека негативниот тренд на економскиот развој во Косово продолжува од прогласувањето на независноста до денес.
Тој објаснува дека првите години од независтноста бруто општествениот производ имал градуален пораст и се движел и до 5,5 отсто, но дека тоа не било доволно за значително намалување на невработеноста, иако гарантираше економската ситуација да не се влоши. Меѓутоа, недостатокот на стратегијата за економски развој, јавното инвестирање без ефект на отворање постојани работни места и политичката криза, влијаеа на постојаниот пад на годишните норми на економски раст, кој кулминираше во 2014 година.
- Тешко без дијаспората -
Претседателот на Стопанската комора, Сафет Герџалиу и економскиот аналитичар Ибрахим Реџепи се сложуваат во оцената дека косовската дијаспора и понатаму претставува главен извор на стабилност на економијата. Герџалиу оценува дека Владата на Косово што и да стори не може да го врати долгот кон дијаспората, а дијаспората денес е разочарана.
„Разочарана е со овој институционален неуспех поради што ѝ е одмилено и доаѓањето во посета на Косово. Наместо во домашните институции да имаме претставници на дијаспорта и нивниот глас да биде артикулиран, во институциите тоа недостасува”, рече Герџалиу.
Реџeпи истакнува дека според официјалните податоци, дијаспората секоја година испраќа 700 милиони евра во Косово, додека пак вклучувајќи ги и неофицијалните канали, според негова процена, таа сума е поголема за 50 отсто. Проблемот лежи во начинот на трошење на тие пари.
„Од тие пари, 90 отсто се троши на семејна потрошувачка. Значи, тоа се пари со кои се покриваат дневните потреби на едно семејство. Десет отсто се троши за образование или здравствени потреби, додека многу малку се троши на инвестиции или обезбедување на одредено работно место. Да не е дијаспората, сигурно, нивото на сиромаштија би било многу поголемо, можеби би имале многу потешки социјални проблеми кои би се одразиле и на безбедноста на земјата”, истакна Реџепи.
Со тоа се сложува и Герџалиу, кој е загрижен за фактот дека парите кои доаѓаат од дијаспората многу брзо заминуваат од Косово.
„Наместо тие пари да се неисцрпен извор на стабилноста на Косово, тие се наменети за поддршка на општествената стабилност и економскиот развој на Србија, Македонија или други земји, од кои Косово најмногу увезува”, рече тој.
Герџалиу изнесе податок дека косовската дијаспора има депониран капитал во вредност од над 2,5 милијарди евра во Германија, Австрија и Швајцарија, но според него, во Косово, за жал, недостасува благодарност, култура и способност на власта да ѝ понуди поволни услови на дијаспората да инвестира во татковината.
„Косово се претвори во сиромашна држава на богати луѓе, а тие богати луѓе ја потценуваат вредноста и на косовската дијаспора”, заклучува Герџалиу.