СКОПЈЕ (АА) - По состанокот на лидерите на земјите членки на Процесот Брдо-Бриони, кој годинава се одржа во Скопје, претседателот на Република Македонија, Ѓорге Иванов, ја повика Европската унија (ЕУ) да „овозможи паралелно одвивање на преговорите за членство и надминување на билатералните разлики меѓу Македонија и Грција”, јавува Anadolu Agency (АА).
Иванов истакна дека претстојниот самит на ЕУ, кој ќе се одржи на 17 мај во Софија, Бугарија, е резултат на барањата на земјите регионот и на посветеноста на ЕУ, но и подготвеноста на бугарскиот премиер со ставање на земјите од регионот на врвот на агендата со бугарското претседавање со ЕУ.
Македонскиот претседател истакна дека во фокусот на денешната средба беше поврзувањето на регионот, што, според него, ќе овозможи регионот да се оцени како развиен. Тој додаде дека во регионот постојат три нешта кои ги поврзуваат земјите, а тоа се економската поврзаност, безбедносната поврзаност и заканите како што се илегалната миграција, криминалните мрежи и странски борци повратници и терористите, против кои е потребна заедничка борба.
„Очекуваме ЕУ да не нѝ дава празни ветувања бидејќи членството во унијата за нас не е празен идеал. Како регион имаме задача да обезбедиме добро владеење, преку владеење на правото, почитување на фундаменталните човекови права и слободи”, рече Иванов.
Македонскиот претседател истакна дека граничните прашања и прашањата за идентитетот се од различна природа, а со тоа се појавуваат различни последици.
„Република Македонија нема отворени територијални и гранични прашања и затоа очекува поголема флексибилност од Унијата. Врвните стратегиски цели на Република Македонија се членството во НАТО и ЕУ, но долго време политиката на проширувањето потфрлуваше со случајот со Македонија, не поради принципите и критериумите на ЕУ, туку поради непочитувањето на тие принципи и критериуми од страна на една членка”, изјави Иванов и порача:
„Како претседател на Република Македонија повикувам Унијата да овозможи паралелно движење на преговорите за членство и надминување на билатералната разлика меѓу Македонија и Грција."
- Грабар-Китаровиќ: По период на забавување, во фокус е проширувањето на ЕУ со земјите од регионот
Од друга страна, хрватската претседателка Колинда Грабар-Китаровиќ рече дека билатералните прашања меѓу земјите од Југоисточна Европа треба да се решат пред пристапување во ЕУ. Таа го поздрави, како што рече, напредокот на сите земји во последно време, и ги повика да продолжат со реформите кои, според неа, се во интерес на граѓаните од овој регион.
„Неколку години застој во проширувањето кој создаде еден опасен вакум кој почнаа да го исполнуваат трети страни и интереси на некои други кои сакаат да ги задржат државите од овие простори надвор од членството на ЕУ и НАТО, за оние кои го избрале тој пат, конечно гледаме позитивни движења и фокус на Европската унија и Европската комисија и Евопскиот совет како Совет кој ги содржи сите држави членки, повторен фокус на ЈИЕ и свесноста за тоа дека консолидација на ЕУ што вклучува членство на сите наши соседни држави во ЕУ”, изјави Грабар-Китаровиќ.
Хрватската претседателка ја поздрави препораката на Европската комисија за отворање на присапните преговорите за Македонија и Албанија, додавајќи дека нејзината земја ќе биде посветена на забрзување на процесот за полноправно членство на овие две земји од Западен Балкан.
„Главна вредност на Брдо Бриони Процесот е иднина на секоја од нашите држави, но и иднина на безбедноста, просперитет и подобар живот на сите граѓани на просторот на Југоисточна Европа, но и иднина на ЕУ која ќе биде посилна, попросперитетна и која конечно ќе биде целосна”, рече Грабар-Китаровиќ, осврнувајќи се на политиките на проширување на ЕУ со земјите од Југоисточна Европа.
Денешната средба на лидерите на балканските земји почна со свечен прием од страна на Иванов како домаќин и претседателите на Хрватска и Словенија, Грабар-Китаровиќ и Борут Пахор, како претставници на Процесот Брдо-Бриони, после што се одржа пленарна седница на учесниците.
На средбата присуствуваше и претседателот на Албанија, Илир Мета, членот на Претседателството на Босна и Херцеговина, Бакир Изетбеговиќ, претседателот на Косово, Хашим Тачи, претседателот на Србија, Александар Вучиќ и претседателот на Црна Гора, Филип Вујановиќ.
Согласно досегашната практика, покрај лидерите на земјите учеснички, на средбата во Скопје како почесни гости на состанокот во Скопје беше претседателот на Европскиот совет, Доналд Туск и премиерот на Бугарија Бојко Борисов.
Процесот Брдо-Бриони прв пат се одржа во 2013 година на заедничка иницијатива на претседателите на Република Словенија и Република Хрватска, во Брдо кај Крањ во Словенија. Иницијативата беше именувана како „Процесот Брдо-Бриони”, поради заедничката идеја на двајцата претседатели за нејзина организација.
Земјите-учеснички во Процесот Брдо-Бриони се Хрватска, Словенија, Македонија, Албанија, Косово, Србија, Босна и Херцеговина, како и Црна Гора, застапени од страна на претседателите на овие земји.
Брдо потекнува од Брдо кај Крањ, во Словенија, каде што се одржа првиот состанок на регионалните лидери, и Бриони во чест на ко-организаторот и партнер на формирањето на оваа иницијатива, Хрватска.