Berk Kutay Gökmen
29 Април 2026•Ажурирај: 29 Април 2026
Повеќе од половина Американци велат дека нивната финансиска состојба се влошува, при што многумина се загрижени за плаќањето на месечните сметки, покажа анкетата на „Галуп“ објавена вчера, пренесува Анадолу.
Анкетата покажува дека финансиските перспективи на Американците во 2026 година се „историски лоши“, со рекордни 55% што сега велат дека нивната финансиска состојба се влошува, што е пораст во споредба со минатогодишните 53% и 47% во 2024 година.
Ова е петта последователна година во која повеќе Американци велат дека нивните финансии се влошуваат наместо да се подобруваат. Според податоците на анкетата, единствен сличен период кога мнозинството чувствувало дека нивните финансии се влошуваат бил за време на големата рецесија во периодот од 2007 до 2009 година.
Дури 62% се загрижени дека ќе немаат доволно пари за пензија, а 60% се плашат дека не ќе можат да ги покријат медицинските трошоци во случај на сериозна несреќа или болест.
Педесет и четири отсто од испитаниците се загрижени за добивката од нивните инвестиции и одржувањето на животниот стандард.
Во меѓувреме, речиси половина се загрижени за трошоците за рутинска здравствена заштита, додека 41% стравуваат за плаќањето на вообичаените месечни сметки, а 40% за трошоците за факултет.
„Генерално, на годинашната листа доминира загриженоста за високите трошоци за живот. Вкупниот број поплаки поврзани со инфлацијата, енергентите, домувањето и здравствената заштита - заедно со трошоците за образование, транспорт и грижа за деца - далеку ги надминува сите други видови финансиски проблеми“, се наведува во анкетата.
Неодамнешниот пораст на потрошувачките цени предизвика финансиски тешкотии за околу 55% од анкетираните. Околу 13% го навеле растот на цените на нафтата и гасот како причина за загриженост, што е пораст за 10 проценти поени во споредба со претходната година.