Aysu Biçer
26 Април 2022•Ажурирај: 28 Април 2022
АНКАРА (АА) - Вкупните светски воени трошоци се зголемија за 0,7 проценти на 2,1 билион долари во 2021 година, каде што Соединетите Американски Држави, Кина, Индија, Велика Британија и Русија сочинуваат 65 проценти од ова, според податоците објавени денес од Меѓународниот институт за мировни истражувања во Стокхолм (SIPRI).
Расходите на САД се намалија за 1,4 проценти на 801 милијарда долари во 2021 година споредбено со претходната година, но финансирањето за воено истражување и развој (R&D) се зголеми за 24 проценти помеѓу 2012 и 2021 година, што упатува дека САД се фокусирани на технологијата на следната генерација.
„И покрај условите на економски последици од пандемијата на Ковид-19, светските воени трошоци достигнаа рекордни нивоа“, рече Диего Лопес да Силва, истражувач во Програмата за воени трошоци и производство на оружје на Меѓународниот институт за мировни истражувања во Стокхолм (SIPRI). „Имаше забавување на стапката на реален раст поради инфлацијата. Сепак, воените трошоци пораснаа за 6,1 отсто.“
Сите податоци се од пред војната на Русија врз Украина, што започна на 24 февруари.
Кина, вториот најголем потрошувач во светот, додели околу 293 милијарди долари на својата војска во 2021 година, што е за 4,7 проценти повеќе од 2020 година.
„Воените трошоци на Кина пораснаа во 27 последователни години“, се вели во извештајот.
Русија ги зголеми своите воени трошоци за 2,9 проценти во 2021 година на 65,9 милијарди, во време кога распоредуваше 100.000 војници по должината на украинската граница, пред актуелната војна.
„Високите приходи од нафта и гас ѝ помогнаа на Русија да ги зголеми своите воени трошоци во 2021 година. Руските воени трошоци се намалија помеѓу 2016 и 2019 година како резултат на ниските цени на енергенсите во комбинација со санкциите како одговор на руската анексија на Крим во 2014 година“, рече Луси Беро-Сидро, директорката на Програмата за воени трошоци и производство на оружје при Меѓународниот институт за мировни истражувања во Стокхолм.
Воениот буџет на Иран се зголеми за прв пат во четири години на 24,6 милијарди, покажуваат податоците. „Финансирањето на Исламската револуционерна гарда продолжи да расте во 2021, за 14 проценти во 2020 - и сочинуваше 34 проценти од вкупните воени трошоци на Иран.“